Здружението на професори по економија на Северна Македонија беше официјално основано на Основачкото собрание, одржано во кампусот на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Скопје.
Основачите го потпишаа Основачкиот акт и го усвоија Статутот на Здружението, одбележувајќи го основањето на професионална организација посветена на унапредување на наставата по економија и зајакнување на економската писменост во Северна Македонија.
Формирањето на Здружението претставува резултат на четиригодишната соработка помеѓу професорите по економија од целата држава и Либерал Алтернативниот Институт (ЛАИ). Преку иницијативи како што се Националната олимпијада по економија, Програмите за обука на наставници, EconLit Caravans и други активности, професорите континуирано ја истакнуваа потребата од професионално здружение кое ќе ги обедини, ќе ја зајакне меѓусебната соработка, ќе го промовира професионалниот развој и ќе обезбеди одржлива платформа за понатамошно унапредување на наставата по економија. Одговарајќи на оваа заедничка визија, ЛАИ го поддржа основањето на Здружението како дел од својата долгорочна стратегија за зајакнување на екосистемот за економска писменост во Северна Македонија.
„Во изминатите четири години имавме привилегија тесно да соработуваме со професорите по економија од цела Северна Македонија. Во текот на ова патување, една порака постојано се повторуваше – потребата од професионално здружение кое ќе ги обедини едукаторите и ќе обезбеди платформа за соработка, професионален развој и заедничко дејствување. Денес сме горди што гледаме како таа визија станува реалност. Веруваме дека ова Здружение ќе има клучна улога во зајакнувањето на економската писменост, поддршката на професорите и создавањето нови можности за учениците низ целата држава. ЛАИ останува посветен на поддршката на Здружението како долгорочен партнер во остварувањето на овие заеднички цели.“ Орхан Цека Извршен директор, Либерал Алтернативен Институт
Во иднина, ЛАИ ќе продолжи да го поддржува Здружението и заеднички ќе реализира активности што се во рамките на неговата мисија. Водечките иницијативи, како што се Националната олимпијада по економија, EconLit Caravans и Програмите за обука на наставници, ќе се организираат во партнерство со Здружението, со што дополнително ќе се зајакне активната улога на професорите и ќе се обезбеди долгорочна одржливост и понатамошен развој на овие програми.
Здружението ќе претставува национална платформа за соработка меѓу професорите по економија, ќе ги застапува нивните стручни интереси и ќе придонесува за промовирање на извонредноста, иновациите и континуираниот професионален развој во наставата по економија.
За време на Основачкото собрание, членовите ги избраа органите на управување на Здружението. Абил Идризи (СМЕК „Гостивар“, Гостивар) беше избран за прв претседател на Здружението, додека Весна Ефремова (СОУ „Љупчо Сантов“, Кочани) и Авни Арифи (Универзитет на Југоисточна Европа) беа избрани за потпретседатели.
Извршниот одбор го сочинуваат и Биљана Стаматовска (ОСУ „Мирко Милески“, Кичево), Арта Љеши (СХМК „28 Ноември“, Дебар), Џемал Ибраими (СХМК Гимназија „Сами Фрашери“, Куманово), Дашурије Мехмеди (СМЕК „Гостивар“, Гостивар), Марина Перуновска (NOVA International School, Скопје) и Снежана Кичукова (СОУ „Јосиф Јосифовски“, Гевгелија).
„Како прв претседател на Здружението, ми претставува чест укажаната доверба. Ова Здружение им припаѓа на професорите по економија од цела Северна Македонија. Заедно ќе изградиме активна професионална заедница која ќе промовира извонредност во наставата, ќе поттикнува соработка и ќе придонесува кон подготовка на младите луѓе со знаењата и вештините потребни за разбирање и обликување на економијата на иднината.“ Абил Идризи Претседател, Здружение на професори по економија на Северна Македонија
Надзорниот одбор на Здружението го сочинуваат Викторија Атанасовска Новевски (University American College Skopje), Али Максути (Универзитет во Тетово), Лиза Алил Сулејмани (Меѓународен балкански универзитет, Скопје), Емилија Митева (Универзитет „Гоце Делчев“, Штип) и Шенај Хаџимустафа (Универзитет на Југоисточна Европа, Тетово).
Иако членството на Здружението првенствено ги обединува професорите по економија од средните училишта низ целата држава, вклучувањето на универзитетски професори во Надзорниот одбор создава силен институционален мост помеѓу средното и високото образование. Оваа структура на управување се очекува да поттикне поблиска соработка, размена на експертиза и поддршка на заеднички иницијативи кои ќе придонесат за унапредување на економското образование и економската писменост на национално ниво.
Економската писменост не е само уште еден училишен предмет – таа е животна вештина која им овозможува на младите да носат информирани одлуки, да размислуваат критички и активно да учествуваат во општеството. Со основањето на ова Здружение, ние инвестираме не само во нашата професија како едукатори, туку и во иднината на нашите ученици, граѓани и нашата држава. Вистинските промени започнуваат кога наставниците ќе се обединат околу заедничка цел.“ Весна Ефремова
Потпретседател, Здружение на професори по економија на Северна Македонија
Основaњето на Здружението претставува значаен чекор за економското образование во Северна Македонија. Со обединување на едукаторите од училиштата и универзитетите во рамките на една професионална платформа, Здружението има за цел да придонесе кон повисоки стандарди во наставата, посилни професионални мрежи и поголеми можности за учениците да ги развијат знаењата и вештините потребни за разбирање и успешно снаоѓање во денешната економија.
Во следните месеци, Здружението ќе започне со проширување на своето членство, со што ќе ги опфати професорите по економија од цела Северна Македонија и ќе изгради национална професионална мрежа посветена на унапредување на економското образование, промовирање на економската писменост и поддршка на континуираниот професионален развој.
Основањето на Здружението е дел од пошироките напори на ЛАИ за зајакнување на екосистемот за економска писменост во Северна Македонија и е овозможено со поддршка од Economic Fundamentals Initiative (EFI) и Atlas Network.