Во полн ек е расадопроизводството за новата реколта тутун. Расадувањето на новото производство се очекува за петнаесетина дена.

Според Државниот земјоделски инспекторат, планирањата за новата реколта се на ланското ниво, за околу 26.000 тони тутун, и се надеваат дека временските услови нема да го преполоват родот.

– Производителите од земјава со откупните компании до 31 март склучија повеќе од 29 илјади договори за производство, на околу 26 илјади тони тутун. Планирањата се на минатогодишното ниво и рано е да се каже колку и како временските услови ќе влијаат на родот. Лани, за жал, планираното производство речиси беше преполовено и се откупија околу 15.000 тони тутун – вели Јане Станкоски, директор на Државниот земјоделски инспекторат.

Ниту од Сојузот на земјоделските здруженија не може да прогнозираат како ќе тече новото тутунопроизводство. Единствено што тутунарите бараат е исплатлива цена која ќе го оправда и ќе го направи исплатливо производството на оваа стратешка култура.

Со договорите за новото производство откупните компании ги понудија истите цени од што тутунопроизводителите не се задоволни и сметаат дека постојниот Закон за тутун за нив е дискриминирачки и ги става во подредена ситуација во договорањата со откупните претпријатија.

Тутунот од ланската реколта се откупи по просечна цена од 365 денари за килограм.