Министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Зоран Шапуриќ, денеска одржа работен состанок со Сојузот на тутунарските здруженија, Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари и претставници на откупните компании.

Како што информираат од Министерството, постигнат е заеднички договор за прекин на протестите. Договорено е сите откупни пунктови да продолжат со откупот и сите други да се отворат во согласност со законскиот рок – 15 декември.

„За разлика од другите години оваа година многу е мал процентот на откуп, само 1,6 % во споредба со истиот овој период лани кога биле откупени 40 % и тоа е загрижувачка слика. Но, веќе имаме позитивни сигнали, задоволни излегоа и претставниците на одборот на тутнопроизводителите што протестираа. Прекинувањето на протестите е позитивен сигнал и можам да кажам дека имаме првичен договор“, изјави министерот Хоџа.

Министерот побара од директорот на Државниот инспекторат за земјоделство инспекторите да бидат присутни со засилени контроли, да го следат откупот и законски да постапуваат за сите евидентирани нерегуларности.

„Тутунопроизводителите да продолжат да го носат тутунот, а сите што ќе бидат незадоволни од проценетата класа на тутунот слободно да се повикаат на второстепена комисија“, порача Хоџа.

Тој побара трпение и доверба помеѓу сите учесници во процесот.

За следниот петок закажан е заеднички состанок во Прилеп за да се направи процена дали е постигнато подобрување во откупниот процес на тутунот од годинешната реколта.