„Алкалоид“ почна да работи во 1936 година. Денес тој е меѓу водечките фармацевтски индустрии во Југоисточна Европа, со близу 2.700 вработени, со продажба во околу 50 земји и со добро распространета продажна мрежа од 21 канцеларија во 15 земји.
Успехот на „Алкалоид“ се заснова, пред сè, на квалитетниот кадар кој работи во компанијата, квалитетот на брендот „Алкалоид“ и на нашите поединечни брендови, кои ги граделе генерации алкалоидовци со години, вели генералниот директор Живко Мукаетов во интервју за српскиот магазин „Профит“.
Мукаетов вели дека Во својата долга историја „Алкалоид“ минал низ многу кризи, но секогаш покажувал отпорност и брзо приспособување кон променитенајмногу поради посветеноста и напорната работа. „Гордо, самоуверено и посветено продолжуваме да работиме на глобализацијата на брендот „Алкалоид“, притоа строго водејќи сметка за етичките стандарди, кредибилитетот и за професионалниот пристап во целокупното работење“, вели Мукаетов.
На прашањето како пандемијата на короната влијаеше врз работата на „Алкалоид“ Мукаетов вели:
„Ковид пандемијата беше здравствена криза на која ѝ требаше човечки одговор. Од почетокот на кризата ‘Алкалоид’ беше првата компанија која ѝ донираше 200.000 евра на државата. До крајот на 2020 година таа сума достигна до 1,2 милиони евра донирани на здравствени установи, разни здруженија и поединци во Македонија и во регионот. Во време на криза од каков било вид учиме дека компаниите и поединците мора да покажат солидарност и високо ниво на емпатија. Оперативниот менаџмент беше подигнат на највисоко можно ниво во сите сегменти. Особено ми е драго што во специфичните услови на работење, особено во последните три години, успеавме да обезбедиме пласман на сите пазари каде што сме присутни и да останеме доверлив партнер на здравствените системи, обезбедувајќи непречено снабдување со висококвалитетни производи по пристапни цени, и покрај нарушените дистрибутивни канали“.
Директорот Мукаетов вели дека една од клучните нешта во работењето на „Алкалоид“ се инвестиции кон следење на најновите трендови и достигнувања во фармацевтската индустрија, инвестирајќи во градење и во проширување на производствените капацитети и на капацитетите за истражување и развој, како и во инсталирање современа опрема, лаборатории, во технологии, современ софтвер и во добро обучен кадар.
„Само во последните 5 години инвестиравме 104,1 милиони евра во земјите од регионот, за што неодамна Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан нѐ прогласи за водечки инвеститор. До крајот на годината очекуваме да го довршиме нашиот мегапроект ‘Таблетно 2’, чија цел е повеќе од двојно поголем обем и поголема флексибилност на производството на цврсти фармацевтски форми“, вели Мукаетов.
Тој потенцира дека Србија е дел од успешната приказна на „Алкалоид“ веќе осум децении, што доволно зборува за пријателството, разбирањето, блискоста на јазикот и за културата, како и за нашата заедничка традиција на овој пазар. Според српските фармацевти, лековите на „Алкалоид“ никогаш не излегле од книгите на жолтиот регистар (на лекови). „За нас Србија е домашен пазар и првата земја надвор од македонските граници каде што компанијата има сопствено производство и веледрогерија, кои вработуваат повеќе од 150 луѓе. Тоа, исто така, доволно зборува за стратешкото значење на овој пазар за нас. Производствената програма на ‘Алкалоид’ во Србија опфаќа над 300 производи од областа на фармацијата и на медицината, а, секако, би го споменал и нашиот бренд „Бекутан“, со кој растеле и растат генерации во регионот“, нагласува Мукаетов.
Според него, Во првиот квартал од 2023 година 78% од пласманот на „Алкалоид“ бил наменет за извоз, а земјите од регионот се традиционални извозни пазари. „За 85-годишниот јубилеј на ‘Алкалоид’ историјата на компанијата ја поставивме во Музејот на град Скопје. Во текот на подготовките добивме сапуни ‘Бекутан’ со прекрасна порака од човек од Босна, кој претпоставува дека нашите производи ги купил во осумдесеттите години од минатиот век“. Освен во земјите од регионот, „Алкалоид“ извезува и во Европската унија, Источна Европа, Северна Америка, како и во некои земји од Блискиот Исток, а Канада, Италија, Австрија, Шпанија, Португалија, Монголија и Саудиска Арабија се новите пазари кои ги додадовме на списокот во последните неколку години. Глобализација на брендот „Алкалоид“ е патеката на која компанијата го планира развојот.
Зборувајќи за деловните резултати во 2022 Мукаетов нагласува: „Минатата година беше особено тешка на економски план и исполнета со многу предизвици: здравствени, воени, логистички, енергетски и економски. И покрај сите тешкотии, успеавме да ја завршиме со вкупна консолидирана продажба од 239,1 милиони евра, бележејќи раст од 12 % и раст на консолидираната нето-добивка од 12 % во однос на 2021 година. Во однос на функционирањето во кризни услови, продажбата на ‘Алкалоид’ во 2007 година изнесуваше 69,29 милиони евра. Секоја наредна година беше обележана со различни кризни предзнаци, а успеавме да постигнеме четирикратно зголемување на пласманите“.
Тој зборува и за работата како менаџер на „Алкалоид“ која е под голем стрес.
„Кога имав 11 години, татко ми стана генерален директор на ‘Алкалоид’, па она што го паметам од моето најрано детство е неговата максимална посветеност и огромниот труд што го вложи во тие 22 години на врвот на компанијата во навистина турбулентни времиња. Од мојата лична позиција денес, можам да кажам дека имам посебна среќа што имам целосна поддршка и разбирање од моето семејство за моите деловни ангажмани и за посветеноста на кариерата. Мислам дека мојата одмереност му ја должам токму на моето семејство, кое е мојот најсилен двигател и клучот за сите мои успеси. Се обидувам духот на традиционалните семејни вредности во кои сум воспитан да им го пренесам на моите деца, а мој најголем успех ќе биде еден ден да ги видам како комплетни личности кои даваат свој личен придонес за подобрување на средината во која живеат и работат. Затоа мојата најголема желба е да нѐ служи доброто здравје, пред сѐ!“