Рамките на регионална соработка и интеграција се утврдени, сега останува крајната цел на Западен Балкан – единствен пазар, изјави генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РСС) Мајлинда Брегу на состанокот на врвот на земјите членки на Процесот на соработка во Југоисточна Европа вчера во Солун.

– Главните основи за раст на регионот се Зелената програма за Западен Балкан и Стратегијата на Југоисточна Европа 2030 година, рече Брегу, која и се заблагодари на Грција која беше пионер меѓу земјите од ЕУ што воспоставија зелени коридори со Западен Балкан. Драго ми е да видам дека после зелените коридори, сега се воспоставува и син коридор помеѓу Италија, Албанија и Црна Гора и овој пример би можеле да го следат и други земји членки на ЕУ, соседи на Западен Балкан, додаде генералната секретарка.

Брегу ги информираше министрите и шефовите на влади на Процеост на соработка во ЈИЕ – ПСЈИЕ, дека и покрај тешките околности постигнати се многу успеси во интеграцијата на Западен Балкан, соопштуваќи дека после минатогодишното укинување на роамингот, РСС започнал минатата недела дијалог со ЕУ за драстично намалување на роамингот меѓу ЕУ и Западен Балкан до 2027 година.

– Крајната цел е да се постигне намалување од 90 отсто на цените на роамингот, изјави Брегу.

Таа информираше дека само три месеци по укинувањето на роамингот на Западен Балкан лани во јули, корисниците на услугите во роаминг пораснале за 30 отсто, додека трансферот на податоци се зголемил за 500 посто.

Министрите и лидерите на земјите на Југоисточна Европа на состанокот го усвоија извештајот за активностите и работата на РСС во изминатата година и ја пофалија работата на Советот и на генералната секретарка. Ден претходно, на годишниот состанок на РСС во рамките на ПСЈИЕ, беше доделена наградата „Шампион на регионална соработка“ на покојниот Ерхард Бусек поради неогвиот огромен придонес за соработката во регионот. Во негова чест годишната награда што е воспоставена уште од 2013 година, во иднина ќе го носи името „Шампион на регионална соработка Ерхард Бусек“, соопшти РСС.