Цените на акциите пораснаа на европските берзи во понеделник во претпладневното тргување, продолжувајќи го позитивниот тренд од минатата седмица, што најмногу се должи на подобрите од очекуваните деловни резултати на компаниите.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции порасна за 0,3 отсто во првиот дневен пресек од тргувањето, откако минатата седмица порасна за 1,3 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,48 отсто, на 8.179 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,20 отсто, на 18.196 поени, а париски CAC за 0,29 отсто, на 8.111 поени.

Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период од тргвуањето како и во Европа порасна за 0,8 отсто. Во исто време, цените на акциите во Хонгконг, Шангај, Австралија и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,6 и 1,2 отсто. Во Јапонија поради празници берзата е затворена.

Така, азиските берзи го следат растот на Волстрит од петокот, кога силно пораснаа цените на акциите на технолошките гиганти, како „Alphabet“ и „Microsoft“.

Покрај кварталните деловни резултати, во фокусот на инвеститорите ќе биде и овонеделниот дводневен состанок на челниците на американската централна банка, кој започнува во вторник. Но бидејќи инфлацијата во САД е сè уште висока, никој не очекува Fed да ги намали каматните стапки оваа сесија, но инвеститорите внимателно ќе ја анализираат изјавата на централната банка и прес-конференцијата на нејзиниот претседател Џером Пауел.