Народната банка на Република Северна Македонија и во 2022 година продолжи со засилени активности во доменот на финансиската едукација со што придонесува за подигањето на финансиската писменост и финансиската инклузија на населението во нашата земја. Во современите услови на динамичен финансиски систем, финансиската едукација станува сѐ попотребна за сите возрасти и за сите социјални слоеви од населението.

Во 2022 година, беа одржани вкупно 115 едукативни предавања на кои беа присутни 4.335 учесници, меѓу кои ученици, студенти, наставници и професори, како и деца од предшколска возраст. Особено голем интерес за посета на Народната банка имаше во периодот октомври ‒ декември при што беа остварени 71 посета на ученици од основните и средните училишта, или две третини од вкупниот број одржани предавања во годината. Предавањата се изведуваа на македонски и на албански јазик.

Од аспект на возраста на посетителите во 2022 година беа забележани структурни промени преку поголема вклученост на учениците од училиштата од средното образование (34 предавања во 2022 година, наспроти 6 во 2021 година). Исто така, зголемен е и интересот за презентации и посети на Народната банка од страна на факултетите (6 посети и презентации во 2022 година, наспроти 2 презентации во 2021 година).

Во зависност од интересот, најголемиот дел од предавањата за студентите се однесуваа на монетарната политика, а воедно беа одржани предавања за платните системи, банкарската регулатива и процесот на планирање во Народната банка. Учениците, студентите и менторите коишто ја посетија Народната банка имаа можност да ја посетат и музејската изложба „В/редности и вредности“ поставена во Музејот на Народната банка по повод јубилејот 30 години монетарна самостојност. Кон крајот на годинава, беа изведени посети на шест градинки во чии рамки децата од претшколска возраст учеа за македонските денари, обележјата на нашите пари и за значењето на штедењето.

Во оваа прилика укажуваме благодарност до сите посетители на Народната банка за покажаниот интерес и соработката за зголемување на финансиската едукација. Воедно, ги покануваме сите заинтересирани училишта и факултети да покажат интерес преку пополнување и доставување на формуларот – барање за одржување предавање што се наоѓа на интернет-страницата на Народната банка во делот финансиска едукација (https://www.nbrm.mk/baranje-za-e-predavanje-fin-edu.nspx)