Изјавите од официјални лица за работењето на банките имаат големо влијание врз активностите на стопанството и граѓаните и треба да бидат секогаш јасни, посочуваат експертите, откога директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми, рече дека под лупа на институцијата со која тој раководи се уште две до три банки, кои постапувале слично како Еуростандард банка, не посочувајќи притоа за кој период станува збор

Секоја не добро осмислена изјава што се поврзува со работењето на банките може да ја разниша довербата на граѓаните во банкарскиот систем, особено ако доаѓа од официјални лица. Ова го посочуваат експерти и поранешни гувернери со кои контактиравме по завчерашната изјава на првиот човек на Финансиската полиција за истрагата поврзана со Еуростандард банка. Поранешните гувернери сметаат дека во оваа ситуација изјавата изгледа како недоволно објаснета и дополнуваат дека истата таа не би требало да предизвика бурни реакции во јавноста.
Имено, во вторникот при гостување во емисија во живо, директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми, изјави дека под лупа на институцијата со која тој раководи се уште две до три банки, кои постапувале слично како Еуростандард банка. Наедно тој посочи дека разликата е во тоа што овие банки го искористиле заложното право, односно кредитите од самата банка за купување акции за сопствени потреби на сопствениците на тие банки.
Во текот на вчерашниот ден и од Управата на финансиската полиција испратија дообјаснување до медиумите, во кое се посочува дека директорот зборувал за преземени дејства од страна на банките за период од 2007 до 2012 година.

– Дадената изјава воопшто не се однесува на сегашни случувања кај банките, односно не упатува на тековни наоди на Управата за вакви активности кај банките. Изјавата се однесува на преземени дејства од страна на банки во периодот од 2007 до 2012 година. Оттаму, изјавата воопшто не имплицира дека во овој момент се преземени нови дејства за нови случаи. За наведените дејства, Управата за финансиска полиција во 2018 година има поднесено и известување до Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО). Токму во таа насока е дадената изјава дека постојат и слични, но не и исти, случаи на постапување од страна на други банки, кои од страна на Управата се процесираат без оглед во кој период се имаат случено – посочуваат од Управата на финансиска полиција.
Домашните експерти укажуваат дека изјавите од официјални лица за работењето на банките имаат големо влијание врз граѓаните и треба да бидат секогаш јасни.
– Изјавата на директорот е крајно несмасна. Во јавност соопштува сомнеж за можни слични постапки како Еуростандард банка. Што ако понатамошното истражување покаже дека тоа не е точно, дека не е така. Што ако пак е точно тоа, но притоа со тие дејства не се загрозува стабилноста на тие две-три банки. Дали е свесен каква штета може да предизвика изјавата во поглед на довербата кон системот во целина – прашува поранешниот гувернер Петар Гошев.

Слично како и Гошев, уште еден поранешен гувернер, кој инсистираше на анонимност, истакна дека изјавите од официјални лица може да предизвикаат негативни реакции кај јавноста.
– Секоја изјава на официјална личност може да предизвика паника кај населението и да наштети бидејќи банките работат на база на доверба. Секое нарушување на довербата може повеќекратно да наштети. Во оваа ситуација сметам дека не може да предизвика бурни реакции, бидејќи сметам дека се должи на недобро осмислена изјава, која разговорно веројатно добила поинаков контекст – појаснува нашиот соговорник.

Во врска со случајот со Еуростандард банка, во телевизиското гостување Муареми рече дека постапуваат по наредба на Јавното обвинителство. Кога почнале да истражуваат во самата банка и добиените банкарски сметки на одредени фирми, со дадени ризични кредити, утврдиле голема мрежа, односно дека не се 140 фирми, туку повеќе.
– Од целата територија има фирми што се дел од тие кредити без покритие и сме на добар пат да докажеме каде завршиле парите – вели Муареми.

НБ: Клучните показатели за банкарскиот систем остануваат стабилни

Реакција за изјавата на директорот на Финансиската полиција испрати и Народната банка, од каде што посочија дека „во врска со изнесеното од директорот на Управата за финансиска полиција, а во согласност со природата на надлежностите на Управата, Народната банка не располага со детални информации за овие прашања“. Дополнителното појаснување, дадено од Управата, посочува дека „не станува збор за активности што тековно се одвиваат и со тоа не претставуваат ризик за банкарскиот систем“.
Од Народната банка посочија дека во континуитет ги зајакнуваат регулативата и супервизорскиот капацитет, доследно ја спроведуваат својата супервизорска функција и постапуваат во согласност со своите надлежности.
– Клучните показатели за банкарскиот систем остануваат солидни и стабилни, а впрочем и оцените на сите релевантни меѓународни институции за банкарскиот систем се позитивни – истакнуваат од НБ.