Техничката влада си го стори своето, изборите поминаа и сега се чека само да биде објавен новиот владин состав. Со оглед на фактот што проектите и плановите за трошењето се планирани од страна на претходната влада која со сигурност веќе оди во опозиција, тоа ќе значи и прекројување на државната каса. Според првичните најави кон крајот на јуни можно е да се очекува ребаланс на буџетот. Сега се отвора прашањето, со што ќе се соочи новата влада кога реално ќе ја запознае состојбата во буџетот на Македонија.

Информациите кои доаѓаат од техничката министерка за финансии Елена Петрова се дека од Буџетот на државата, се исплатени вкупни расходи од 2 284 милиони евра, што е зголемување за над 1/3 во однос на просекот јануари-мај кој во годините 2020-2023 изнесувал 1 700 милиони евра. Податоците кои ги објави Петрова велат дека остварен е буџетски дефицит од 362 милиони евра, што е зголемување за 60% во однос на просекот јануари-мај за периодот од 2020-2023 кој се движел од 227 милиони евра.

Загрижувачки е тоа што јавниот долг до 30 април има пораст од 328 милиони евра.

„Месецот мај беше карактеристичен по тоа што до изборниот ден 8 Мај имавме четири неработни дена и уште еден после тоа, а после изборите престанаа “забраните” кои важеа до одржување на изборите. Веќе го истакнавме зголеменото трошење во месец мај. Вкупните буџетски расходи во месец мај (до 28-ми) се 451 милиони евра, што е зголемување за 30% во однос на просекот за ЦЕЛ месец мај (2020-2023) од 348 милиони евра. Буџетскиот дефицит во месец мај (до 28-ми) од 127 милиони евра е зголемување за 3/4 во однос на просекот за ЦЕЛ месец мај (2020-2023) од 73 милиони евра“, вели техничката министерка за финансии Елена Петрова.

Техничката министерка смета дека новата Влада ќе наследи стеснет простор за финансирање. Таа додава дека приходите од најиздашниот извор – ДДВ не се остварени според планот на УЈП за периодот јануари-мај, со образложение дека има потфрлање за 6%. Нејзините информации се дека УЈП не го објавува долгот кон стопанството за неисплатен ДДВ поврат кој во следниот период ќе влијае на остварувањето на изворните буџетски приходи.

„Во месец мај има значително потфрлање од 21% и кај планот за наплата на данокот на личен доход. Просторот за финансирање на Буџетот е стеснет, бидејќи се потрошени 2/3 од проектираниот буџетски дефицит за 2024 год,“ додава Петрова.

Новата Влада ќе има предизвик веднаш да направи ребаланс на Буџетот, не само за да обезбеди финансирање на мерките од својата програма, туку и за да ги консолидира приходите и расходите, да обезбеди тековно финансирање на Буџетот до крајот на годината, пред се преку кратење на непродуктивни трошоци и имплементирање цврста фискална дисциплина од првиот момент.