Речиси 40 отсто од компаниите во САД очекуваат да отпуштат работници во 2024 година, покажува истражувањето на американската компанија „Резуме билдер“.

Во истражувањето во кое учествувале 906 бизнис- лидери, 38 отсто од испитаниците одговориле дека, најверојатно, ќе отпуштат вработени следната година, а 52 отсто од компаниите не планираат да вработуваат нови работници во 2024 година, објавено е на веб-страницата на организацијата.

Мнозинството од испитаниците наведуваат дека главна причина за отпуштањата е потребата за намалување на трошоците (69 отсто), како и можна економска рецесија (51 отсто), а 39 отсто наведуваат дека отпуштањата се можни бидејќи ќе бидат заменети работниците со вештачка интелигенција (АИ).

Најголема веројатност за отпуштања во 2024 година има во градежниот сектор – 66 отсто,во  развојот на софтверот 65 отсто, во информатичкиот сектор 44 отсто, во малопродажбата 44 отсто, во финансиите и осигурувањето 38 отсто.