Регионалниот совет за соработка (РСС) објави нов повик за доставување понуди за грантови за развој на туризмот на Западен Балкан во вредност од 750 илјади евра, кои се бесповратни средства на ЕУ.

Овие пари ќе бидат доделени на околу 14 проекти кои ќе бидат селектирани како најуспешни, со поединечна вредност од околу 54 илјади евра по проект, а крајниот рок за апликација е 12 јули.

РСС од 12 до 20 јуни во сите шест земји од Западен Балкан вклучувајќи ја и Северна Македонија ќе оддржи информативни денови наменети за заинтересираните правни лица за овој втор повик за доделување на грантови. Информативниот ден во Скопје ќе биде на 18 јуни во хотелот Александар Палас.

Станува збор за втор повик за грантови од проектот кој ево вкупна вредност од 5 милиони евра. Третиот повик се очекува во септември 2019 година. Повеќе инфо за вториот повик може да се проследи на следниот линк

Целта на програмата на доделување на овие финансии на РСС е развојот и промоцијата на заедничката регионална понуда на културолошкиот и авантуристичкиот туризам на Западен Балкан, со цел привлекување на што поголем број туристи од Европа и светот, нивно подолго задржување во регионот и зголемување на приходите и бројот на вработените во гранката туризам.

Неодамна Генералната секретарка на РСС Мајлинда Брегу посочи дека туризмот има побрз раст на Западниот Балкан од другите гранки и дека опфаќа 14 отсто од вкупниот број на вработените, кои само минатата година пречекале 12 милиони туристи.