Руската економија падна во рецесија. Бруто домашниот производ е намален за четири отсто во третиот квартал, покажува првата проценка за економската активност на рускиот статистички институт Росстат.

Според нивните податоци, и економијата во вториот квартал паднала за околу четири отсто.

Според француската новинска агенција АФП, контракцијата на руската економија во третиот квартал била помала отколку што предвидувале аналитичарите. Тие проценуваа дека падот ќе биде 4,5 отсто.

Најголем пад од 22,6 отсто е забележан во трговијата на големо, додека трговијата на мало бележи пад од 9,1 отсто. Од друга страна, градежништвото забележа раст од 6,7 отсто, а земјоделскиот сектор бележи раст од 6,2 отсто.

Во првите месеци од годинава руската економија забележа економски раст од 3,5 отсто, а по нападот на Украина многу западни земји воведоа економски санкции кон Русија.

Руската централна банка на 8 ноември објави дека рускиот БДП годинава ќе падне за 3,5 отсто. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка предвидуваат контракција на руската економија од 3,4 и 4,5 отсто.