Кина и САД ќе одржат преговори на ниво на заменици-министри во Пекинг на 7-8-ми јануари за надминување на трговската војна, откако и двете страни се обидуваат да стават крај на спорот, кој нанесува се поголема штета на двете економии и ги тресе глобалните финансиски пазари, пренесува „Ројтерс“.

Двете држави водат трговска војна една против друга веќе неколку месеци, прекинувајќи го протокот на стоки за стотици милијарди долари и предизвикувајќи загриженост за глобалното економско забавување.

Работна група, предводена од заменикот на трговскиот претставник на САД, Џефри Герит ќе ја посети Кина, за да одржи „позитивни и конструктивни разговори“ со кинеските колеги, соопшти Министерството за трговија на Кина во соопштението на својата интернет страна.

Министерството рече дека двете страни ги „потврдиле“ датумите во телефонскиот разговор во петокот наутро, но не споделија повеќе детали.

На состанокот во Аргентина на крајот на минатата година американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот колега Си Џинпин договорија прекин на „огнот“ и одлучија да не наметнуваат нови давачки во рок од 90 дена од 1-ви декември, додека се обидуваат да се договорат.

Кина и САД сега се соочуваат со краен рок во март, за да се стави крај на катастрофалната војна. Инаку Вашингтон може да продолжи со острото зголемување на државните давачки врз кинеските стоки, првично планирани за 1-ви јануари, а Пекинг да одговори со реципрочни мерки.

Трамп изјави дека преговорите за постигнување на договор одат добро, но не е јасно дали Пекинг ќе отстапи од клучните американски барања за трговските дисбаланси, пазарниот пристап и обвинувањата за прекршување на интелектуална сопственост.

Податоци од оваа недела покажаа забавување на инерција и во двете најголеми економии во светот на крајот на минатата година.

Индустриската активност во САД забави повеќе од очекуваното во декември, посочи „Institute for Supply Management“ (ISM), а податоците за Кина од понеделникот покажаа дека производствената активност се забавила за прв од над 2 години.