Кина во првите три тримесечја била најголемиот трговски партнер на Европската Унија, поминувајќи ги Соединетите Американски Држави, што е последица на епидемијата на ковид-19 и наглиот скок на кинеската економска активност.

Во првите девет месеци на 2020 размената меѓу ЕУ и Кина достигнала 425,5 милијарди евра, а размената на ЕУ и САД во истиот период изнесувала 412,5 милијарди евра, покажуваат најновите податоци на Јуростат. Во истиот период во 2019 размената на ЕУ со Кина била 413,4 милијарди, а со САД 461 милијарда.

„Овој резултат е последица на растот на увозот (плус 4,5 отсто) додека извозот (во Кина) е непроменет“, истакна Јуростат, додавајќи дека „во истиот период трговијата со САД забележала значителен пад на увозот (минус 11,4 отсто) и на извозот (минус 10 отсто)“.

Вкупниот дефицит на ЕУ во трговскиот биланс со Кина се качи на 135,9 милијарди евра во првите девет месеци од 2020, а во истиот период во 2019 бил 123,9 милијарди.

Иако ЕУ уште од 2004 година е главниот трговски партнер на Кина, тогаш ја помина Јапонија, ова е првпат да важи и обратното, дека Кина ги симна САД од тронот во однос на Европа, истакна денес францускиот статистички завод ИНСЕЕ во извештај.

И покрај епидемијата на ковид-19 и многу силната економска криза во првото тромесечје, кинеската економија е повторно во подем а потрошувачката во октомври дури го надмина ланското ниво, наведува ИНСЕЕ.

Само во третото тромесечје домашната побарувачка поттикнала увоз на европски производи во Кина, „пред сè во автомобилскиот и секторот на луксзуни производи, но и телекомуникациите во очекување на американските санкции на Хуавеј“, додава францускиот завод.

И извозот од Кина во Европа пораснал летоска и на почетокот на есента поради големата побарувачка на медицинска опрема и електронски производи.

Така Светската трговска организација во октомври истакна дека само Кина извезла речиси 44 отсто од личната заштитна опрема со која се тргувало во светот во првите шест месеци на 2020.