Досега регистрирана е само една географска ознака на национално ниво, „охридска цреша“. Во процес на регистрација е „преспанско јаболко”, „буковска пипер”, „македонско јагнешко од праменка Овчеполка“, „Мариовски мед“, „мариовско биено сирење“, и „беласички костенов мед“.

Денес, во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржува семинар на тема „Воведување на ознаки за географско потекло – италијанското искуство, добри пракси и студија на случаи“ организиран од страна на Амбасадата на Р.Италија, ИТА (Италијанската трговска агенција), Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Р.Северна Македонија во соработка со Едукативниот центар М6.

Целта на семинарот и посетата на италијанските експерти е да се пренесе италијанското искуство во областа на ознаките за заштитено географско потекло. Италија е земја која може да се пофали со најголем број производи со заштитена географска ознака или ознака на потекло, кои претставуваат голем дел од извозот на земјоделско-прехранбени производи, меѓу првите во светот.

Во Европската Унија, а неодамна и вкај нас, постои механизам за заштита на овие производи од имитација и злоупотреба на нивното географско име со цел да се зачува автентичноста на производите, како и да се заштитат потрошувачите.

Во Македонија постојат области и региони познати по нивните специфични земјоделски и прехранбени производи или нивните традиционални јадења и специјалитети. Овие производи често се добиваат од автентични суровини од растително или животинско потекло, или имаат специфичен начин на производство, рецепт или уникатна подготовка, велат од Министерството за земјоделство.