Потрошувачка кошничка за преживување – граѓаните “ловци на акции”. Августовската синдикална кошничка поскапа за 177 денари од претходниот месец. Со изнајмен стан од 60 квадрати за месец август минималната кошница изнесува фасцинантни 84.050 денари, информираат од Сојузот на синдикати на Македонија.
ССМ: “За храна и пијалоци месечните трошоци изнесуваат 25.032 денари, за образование 7.192 денари, за облека и обувки 6.511 денари, за станарина, вода, електрична енергија и греење 6.370 денари, за транспорт 5.175 денари, ресторани и хотели 4.131, за комуникациии 3.677, за хигиена 2.692, а за здравје 1.196 денари.”
Во услови на континуирано поскапување на храната и животните трошоци, граѓаните не кријат дека сè повеќе купуваат кога производите им се “на акција” и велат – без дополнителна работа преживуваме.
Од опозициската СДСМ на денешната прес-конференција пак најавија дека повторно ќе го поднесат во Собранието предлог-законот за 600 евра минимална плата.
И додека во Србија минималецот ќе се зголеми и ќе изнесува 600 евра, премиерот Мицкоски и денес уверува дека економијата е главен приоритет на оваа Влада, притоа потенцирајќи дека, како што рече, Македонија е на прво или второ место во регионот според економските резултати.