Во јануари инфлацијата достигна стапка на раст од 6,7 отсто, а како што оцени Народната банка забрзувањето на годишната инфлација е одраз на порастот на регулираните цени на енергенсите, како и на растот на дел од прехранбените производи коишто имаат променлива динамика.

Експертите велат дека е реално домашната економија де влезе во стагфлација со инфлација, како последица на кризата која е предизвикана од војната во Украина. Професорот Зоран Ивановски вели дека е реално во земјава да се очекува забавување на растот на економијата и пораст на инфлацијата, односно да се влезе во таканаречена стагфлација.

– Инфлацијата веќе надмина 7 отсто, меѓутоа има дилеми околу растот на економијата кој за годинава е планиран да изнесува над 4,6 отсто. Ценовните притисоци и натаму главно произлегуваат од фактори на страната на понудата, поврзани со промените на цените на глобалните пазари и влијанието на војната во Украина, односно геополитичките случувања. Сето тоа ќе влијае на намалување на потрошувачката во економиите на земјите каде што се извезуваат нашите производи, а како резултат на тоа ќе се намали производството на нашите компании. Според тоа, тешко дека економијата ќе го постигне планираниот раст и реално е да се очекува таа да се најде во стагфлација, односно стагнација на растот со инфлација – вели Ивановски.

Негова оценка е дека владините антикризни мерки нема да влијаат многу на зауздување на инфлацијата со оглед дека високите цени на енергенсите и цената на храната и металите се увезени.

– Мерките кои ги донесе владата се главно фискални и немаат капацитет да го намалат ударот на инфлацијата. Дел од проблемите се увезени и тешко може на нив да се влијае. Монетарната политика пак во сегашните услови нема многу простор за реакција, бидејќи зголемувањето на каматните стапки не би влијаело на инфлацијата – додава Ивановски.

Излез од ситуацијата е во поголема продуктивност на економијата и изнаоѓање нови пазари.

– Останува економијата да ја подобри продуктивноста, преку високотехнолошки вложувања. Обврска е на владата да побара алтернативни пазари за да се надмине зависноста од сегашните пазари за да можат компаниите да го одржат производството – вели тој.

Бизнисмените засега воздржани околу тоа како порастот на инфлацијата ќе се одрази врз нивното работење годинава, бидејќи неизвесноста предизвикана од енергетската и воената криза може да потрае подолго од оптимистичките сценарија за брз прекин на војната.

– Засега освен автомобилската индустрија која директно е погодена со војната во Украина и претходните проблеми со набавката на чипови, другите индустрии немаат поголеми проблеми со инфлацијата. Но, долгорочно последици од растот на инфлацијата ќе имаат и другите индустрии, посебно извозните кои се поврзани со европскиот пазар, каде што исто така расте инфлацијата и се намалува побарувачката. Се надевам дека во Германија и другите европски земји каде што извезува нашето стопанство нема да има драстичен пад на потрошувачката за да имаме поголеми проблеми, но секое продолжување на конфликтот ќе биде проблематично за извозниците – вели Ангел Димитров од конфекцијата „Мода“ Свети Николе.

Според него, текстилната индустрија засега нема проблем со работењето.

– Во земјите каде што извезуваме моментално нема видно намалување на потрошувачката. Тоа го гледаме бидејќи нашите производи први страдаат при намалена потрошувачка. Да се надеваме дека така ќе биде до крајот на годината – вели тој.

Димитров смета дека владините антикризни мерки веќе имаат влијание на цените на дел од енергенсите, што ќе влијае на намалување на растот на инфлацијата, но очекува до крајот на годината одредено смирување на цените што ќе влијае и на стапката на инфлацијата. Сепак, вели тој економијата нема да го оствари очекуваниот раст за да може да го намали и долгот кој се искачи над плафонот од 60 отсто од БДП.