Сега Агенцијата ги прима пријавите од невработените, а податоците кој има, а кој нема право на надомест, ќе ги добие од Владата до крајот на месецов преку евиденцијата на Централниот депозитар на хартии од вредност и Централниот регистар за статусот на претпријатијата

За неполна недела во Агенцијата за вработување се поднесени 1.347 барања од стечајци, кои според новиот закон имаат право на паричен надомест со остварени 14 години стаж во државно претпријатие.

– Во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија заклучно со 5.8.2021 година поднесени се 1.347 барања за материјално обезбедување на невработени лица во вид на паричен надоместок, информираат за весникот ВЕЧЕР од Агенцијата за вработување.

Ова е огромен број ако се знае дека рокот за пријавување е 30 дена и истекува пред крајот на месецов. Исто така, според пресметките на Владата, која го подготви Законот, со него треба да бидат опфатени околу 1.100 лица.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека надомест ќе добијат сите кои ќе ги исполнат условите.

– Во однос на проекциите за бројот на невработените лица, кои би го оствариле правото, се имаа предвид условите на досегашните законски решенија согласно со кои се остваруваше ова право, односно бројот на лицата кои доставиле барање, а имале 14 години работен однос во претпријатија со доминантна државна сопственост, и се оцени дека согласност со новиот Закон тоа право би го оствариле најмалку 1.100 невработени лица. Но, треба да се има предвид дека сите невработени лица кои ќе ги исполнат условите и критериумите утврдени во новиот Закон, ќе го остварат правото, изјавија за весникот ВЕЧЕР од МТСП.

Како што веќе пишувавме, покрај условите поврзани со статусот на претпријатието, возраста и роковите во кои лицата останале без работа има таков услов според кој овој надомест не им следува на оние кои примиле испратнина поголема од 12 плати во висина на просечната во државата.

Сега Агенцијата ги прима пријавите од невработените, а податоците кој има, а кој нема право на надомест ќе ги добие од Владата до крајот на месецов.

-Владата на Република Северна Македонија, преку Централниот депозитар на хартии од вредност и Централниот регистар на Република Северна Македонија, ќе обезбеди список со податоци за претпријатијата во кои Република Северна Македонија се јавува како доминантен сопственик на капиталот и за претпријатијата со доминантна сопственост на државата кои биле приватизирани, а во кои не дошло до промена на единствениот матичен број на субјектот, како и за претпријатијата со променет единствен матичен број на субјектот (ЕМБС), кои произлегле од претпријатијата со доминантна сопственост на државата, врз основ на статусна промена и истиот ќе го достави до Агенцијата за вработување, во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, информираат од Агенцијата за вработување.

Инаку, со новиот Закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата паричен надоместок им следува на невработените поради стечај, ликвидација или технолошки вишок на претпријатија со доминантна сопственост на државата или по нивна приватизација, во периодот од 1 јануари 1993 година, заклучно со 31 декември 2020 година. Лицето треба да било најмалку 14 години во работен однос во претпријатието, утврден со М1/М2 обрасци, под услов работниот однос да бил заснован додека претпријатието било со доминантна сопственост на државата и при приватизацијата да не дошло до промена на единствениот матичен број на субјектот. Лицето треба да е на возраст од најмалку 52 години за жена, односно 55 години маж, да остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1993 година и од 31 декември 2020 година до денот на влегувањето во сила на овој закон да не било во работен однос.

На содржината на овој нов Закон реагира партијата Левица која смета дека стечајците се повторно изманипулирани, зашто голем дел од нив, односно оние со помалку стаж од 14 години и понатаму остануваат без право на надомест. Наведуваат дека има и такви кои го имаат потребниот стаж, но претпријатието во кое работеле не им го евидентирало.

-„ЧИК Куманово”, има над 600 стечајци кои имаат и по над 17 години стаж, но кои што не можат да ги остварат своите работнички права, бидејќи придонесите за социјално осигурување не им се плаќани со години и истите не се евидентирани. Овие лица, не само што не можат да ги користат правата од Законот за стечајци туку истите нема да можат да остварат ниту право на пензија откако ќе ја исполнат старосната граница, бидејќи го немаат потребниот минимум од 15 години стаж, посочуваат од Левица.

Од партијата информираат дека изготвиле сосема нов закон за стечајци, со кој сите ќе бидат обесштетени и ќе ги добијат сите заостанати плати и придонеси.