Поради корона кризата голем дел од граѓаните останаа без работа и немаат пари да ги платат сметките за струја. Освен на социјалните случаи субвенциите за струја ќе се даваат и на оние домаќинствата кои не можат во целост да ги подмират сметките за струја или поголем дел од нивните приходи одат за плаќање на овие сметки. За таа цел РКЕ подготви предлог за проширување на листата на категориите на ранливи потрошувачи и намалување на енергетската сиромаштија во државата.

Се зголемува бројот на домаќинства кој ќе влезат во категоријата ранливи потрошувачи. Овој предлог на Регулаторната комисија за енергетика е со цел да се намали енергетската сиромаштија во државата. Поради корона кризата голем дел од граѓаните останаа без работа и немаат пари да ги платат сметките за струја. Освен на социјалните случаи субвенциите за струја ќе се даваат и на оние домаќинствата кои не можат во целост да ги подмират сметките за струја или поголем дел од нивните приходи одат за плаќање на овие сметки. Како што појаснуваат од РКЕ нивниот предлог за проширување на листата на категориите на ранливи потрошувачи кој е подготвен во соработка со Електродистрибуција, по препорака на Енергетската заедница е доставен до Министерството за економија.

Предлог за зголемување на опфатот на ранливи категории потрошувачи кој ќе добиваат субвенции за струја од државата претседателот на РКЕ, Марко Беислимовски го даде уште пред неколку месеци на состанокот со синдикатите.

-Освен социјалните случаи ќе направиме субвенции за струја да добиваат и граѓани кои се погодени со оваа корона криза. За тоа ќе ни требаат и други институции во државата за да видиме кои се тие што изгубиле работа колкави примања имаат, а тука ќе влезат и граѓани со минимална плата, пензионери со ниски пензија. За ранливи категории потрошувачи имаме донесено правила според кои не смее да им се исклучи струја во зимски месеци, не смее да бидат исклучени доколку не им се платени три сметки, можност за плаќање на рати, неплаќање надоместок за повторно вклучување. Според податокот на Министерството за труд и социјална политика во моментов 32 до 33 илјади домаќинства добиваат 1.000 денари месечен надоместок во време на грејна сезона, изјави за весникот ВЕЧЕР, Бислимовски.

Домаќинствата кои ќе влезат во категоријата на ранливи потрошувачи ќе се утврдуваат врз основа на посебно дефинирани критериуми. РКЕ предлага дополнително да се опфатат и следните категории на потрошувачи кои би користеле енергетски ваучер и тоа: домаќинства кои добиваат постојана социјална парична помош согласно закон, домаќинства во кои нема ниту еден вработен, кои не се корисници на постојана социјална парична помош и немаат друг извор на приходи; домаќинства кои имаат невработено лице, корисник на паричен надоместок во случај на невработеност од Агенцијата за вработување, кој се движи во висина на постојана социјална парична помош и истиот е единствен приход на домаќинството; домаќинства со повеќе од два члена во кои има еден пензионер што добива минимална пензија, која е единствен приход на домаќинството; домаќинства со повеќе од два члена во кои има само еден вработен со минимална плата, чиј износ се движи во висина на постојана социјална парична помош и нема други приходи во домаќинството; домаќинства кои имаат невработено лице од 1 април 2020 година, корисник на паричен надоместок во случај на невработеност од Агенцијата за вработување, кој се движи во висина на постојана социјална парична помош и во домаќинството има дополнителен приход во висина од минимална плата, заклучно со периодот на траење на пандемијата.

Целта, како што велат од РКЕ е преку субвенционирање на одредена сума од страна на државата да им се помогне на домаќинствата кои не се во финансиска состојба да ги подмират сметките. Дополнително ќе се разгледа и можноста да се воведе привремена мерка за проширување на опфатот на потрошувачи кои ќе влезат во групата за субвенционирање на сметки со вклучување на граѓани кои се директно економски погодени од здравствената криза на пример оние граѓани кои останале без примања.