Незаконски финансиски текови поврзани со перење пари, корупција, финансирање тероризам и даночно затајување. Ќе стане ли ова минато откако сите правни субјекти ќе ги кажат вистинските сопственици.

Власта се надева дека со регистарот, кој веќе почна да се полни, на виделина ќе излезат сите физички лица кои ги кријат бизнисите. Нема да може како сопственик на фирма во Македонија да се јавува друга фирма, туку ќе мора да стои, кој човек, со името и презимето е мнозински сопственик.

„Правниот субјект ако не изврши евиденција во регистарот на вистински сопственици му се раскинува деловниот однос со банката, односно се блокира правниот субјект, нема право да егзистира во платниот промет и во правниот промет во државата.  Дополнително Управата за финансиско разузнавање си ја презема таа контрола позиција, а глобите се многу високи според Законот за спречување на перење пари и финаинсирање тероризам. Со еден збор тој комплетно ќе биде блокиран.“ – вели  Марија Бошковска-Јанкоски, директорка на Централниот регистар.

Обврска за пријавување на вистинските спственици имаат сите компании и здруженија, па дури и синдикати и верски заедници и политички партии. Таму како вистински сопственик ќе биде пријавен претседателот на синдикатот, односно партијата или верскиот водач. А промени ќе се прават при секој нов избор.

До сега се запишани вистинските сопственици на околу две илјади и петстотини фирми, а крајниот рок е 26 април. Целта е, како што велат од Централиот регистар, да се спречи перење на пари и вештачко испумпување на средствата од фирми ќерки и нивните основачи, фирмите мајки.