Глобалното затоплување го топи мразот на Гренланд, отворајќи пристап до неискористените природни ресурси

Последните избори покажаа поделба на земјата која бара рамнотежа помеѓу одржливоста и економијата.

Фармерката Наасу Лунд погледнува во нејзиниот имот. Тишината ја крши само ветерот и далечното блекање на овците. Нејзината фарма во близина на градот Нарсак е оддалечена само седум километри од планираниот рудник кој треба да експлоатира ураниум и ретки метали.

Лунд беше загрижена дека рудникот може да ја загрози нејзината фарма, која со генерации е во сопственост на семејството, но и недопрената природа што ги привлекува туристите. Сега може да здивне. Барем за некое време. Плановите за изградба на рудникот се во застој.

– Ние сме чувари на оваа земја и се сметаме себеси за дел од природата. Сега имаме можност со овој развој да го испланираме начинот на кој мислиме дека е најдобро – вели Лунд.

Отпорот кон рудникот доведе до успех на изборите

Жестока изборна кампања трае со месеци околу планираниот рудник Кванефелд. Спорот околу рудникот ја собори партијата Сиумут, која е на власт откако островската држава доби делумна автономија од Данска во 1978 година.

Партијата Сиумут, која се залагаше за проектот, загуби на последните избори од партијата Инуит Атакатигит (ИА), која се залага за заштита на животната средина. Партијата вети дека ќе го затвори проектот за рудникот, но тоа во моментов не е можно затоа што ИА не може да владее сама и сè уште бара коалициски партнер.

Сепак, контроверзната дебата за рудниците покажа поделба на луѓето во Северен Атлантик околу прашањето за финансиска добивка и заштита на недопрената арктичка природа.

Дебатата се интензивираше во последниве години откако глобалното затоплување топеше големи делови од ледената површина и со тоа се ослободија огромните резерви на минерални суровини што му беа достапни на островот за експлоатација. Ова повторно го разбуди интересот на големите сили како САД и Кина.