Секој трет Македонец е под ризик на сиромаштија, покажуваат последните податоци на Еуростат. Стандардот на македонските граѓани паѓа, а сиромаштијата расте. 

-Секој трет граѓанин не бил во можност соодветно да го затопли домот или да обезбеди соодветна нутритативна храна или да може да си дозволи едно неделен одмор надвор од домот – изјави Билјана Дуковска, претседателка на Македонска платформа против сиромаштија (МППС).

Месото скоро и да го нема на трпезите на повеќе од 35 % од населението. Оние што имале малку, сега имаат уште помалку.

-Веќе не зборуваме за квалитет на храна, туку за една категорија која што е под достоинствените услови за живот на граѓаните. Леб на маса, не е доволен и соодветен индикатор дека некој има да јаде – додаде Дуковска.

Ковид пандемијата дополнително го продлабочи јазот помеѓу богатите и сиромашните. Социјално најзагрозената категорија граѓани немаат ниту пристап до информации за тоа, кој може да им помогне.

-И тие кои имаа барем некоја достоинствена работа, со пандемијата ја изгубија. Ако сте сиромашен и ако немате пари, значи немате пристап до интернет, немате пристап до дигитализаија и до било каква информација што се однесува на вас -изјави Сашко Јованов, Национален координатор на лица со искуство со сиромаштија.

Од Македонската платформа против сиромаштијата излезот не го гледаат во зголемување на субвенции, туку во системски решенија, кои ќе овозможат вработување и континуиран и стабилен приход на најранливите категории.