Чешкиот производител на автомобили „Škoda Auto“ ќе го ограничи или целосно ќе го запре производството на автомобили во сите три фабрики во Чешка од 18 октомври до крајот на годината, поради глобалниот недостаток на чипови.

Суспендирањето на производството би можело силно да ја погоди чешката економија, бидејќи „Škoda Auto“, која е дел од групацијата „Фолксваген“, придонесува со пет проценти во чешкиот БДП, но исто така сочинува девет проценти од чешкиот извоз, пренесува „Еурактив“.

Производството претходно беше прекинато во септември за една недела од истата причина.

Недостатокот на полупроводнички чипови го зафати целиот автомобилски сектор во светот, а европските производители зависат од азиското производство, кое опаѓа поради пандемијата на коронавирус.