Што јадевме досега е прашањето што се отвори по новиот млечен скандал, откако Агенцијата за храна и ветеринарство утврди манипулации во декларираните проценти на млечни масти кај дел од млечните производи, а Канал5 ги објави компаниите што продавале сомнителни млечни производи.

Според официјалното соопштение на АХВ, во рамки на вонредните контроли биле земени 91 мостра од млеко, млечни производи и сувомесни производи, од домашно производство и од увоз. Засега се комплетирани резултатите од тестираните примероци млеко и млечни производи земени од поголемите синџири на маркети во земјата.

Од лабораториски анализираните 45 мостри од млеко и млечни производи, кај 10 оператори било утврдено дека примероците не одговараат на одредбите од правилникот за квалитет на земјоделските производи. Тестирањата покажале дека во дел од производите има помал процент млечни масти од оној што бил наведен на декларацијата.

Најдрастичен е случајот со 22 килограми ситно сирење, кај кое било декларирано 20 отсто млечна маст, а лабораториското тестирање покажало само 1 отсто. За овој случај, операторот добил парична казна од 3.500 евра во денарска противвредност.

АХВ соопшти дека уште осум оператори, производители и увозници, биле казнети со по 1.050 евра поради разлика меѓу декларираниот и реалниот процент на млечна маст. Кај друг оператор било утврдено користење растителни, односно палмини масти во млечен производ, за што била изречена казна од 1.300 евра.

Спорниот млечен производ со палмини масти, во вкупна количина од 500 килограми, бил повлечен од промет и нештетно уништен на депонија. АХВ најави дека засилените инспекциски контроли кај оваа категорија оператори ќе продолжат и во наредниот период.

Објавата предизвика силни реакции кај граѓаните и сточарите. Потрошувачите бараат јавно да се знае што купувале и од кого, додека сточарите реагираат дека ваквите манипулации го уриваат домашното производство и довербата во млечниот сектор.

Скандалот не е само прашање на едно сирење или една декларација. Тој ја отвора поголемата дилема дали казните од 1.050 до 3.500 евра се доволни кога потрошувачот плаќа производ што треба да биде млечен, а лабораторијата покажува дека составот не одговара на она што стои на етикетата.