Колективната тужба за државата што ја најави Сојузот на синдикатите на Македонија, би можела да се избегне со процес на медијација. Според министерот за правда Никола Тупанчески, сè уште е рано да се зборува за ова, но, во секој случај, медијацијата би била најевтиниот и најбезболен начин за решавање на проблемот.

ССМ завчера се закани со тужби до судовите во и надвор од државата ако платите на вработените не се усогласат со минималната за 18,6 проценти, како што е предвидено со Законот за минимална плата.

Додека се чека потегот на ССМ, продолжува штрајкот во јавниот сектор почнат пред две недели. Вчера, ССМ најави дека Штрајкувачкиот одбор секојдневно ќе заседава и ќе носи одлуки за формите на синдикален притисок што ќе бидат потребни за остварување на барањето, а во најава се и блокади во моменти кога тоа ќе ѝ предизвика најголеми тешкотии на Владата.

Штрајкувачите имаат нови упатства како да продолжат со штрајкот.

– На 138.000 работници во јавниот сектор од денеска им порачуваме дека Владата не им ги почитува работничките права и врз основа на тоа, на Владата многу лесно може да ѝ се случи работниците да: работат бавно, да работат многу бавно, да им поставуваат што е можно повеќе прашања на раководителите, министрите и на другите претпоставени на писмено и да чекаат писмен одговор од нив за да ја завршат работата, согласно со нивните одговори и напатствија темелно да се навраќаат неколку пати на истата работа и истата темелно да ја завршуваат во што е можно подолг временски рок, да не споделуваат предлози и идеи за завршување на работата за пократко време, особено не со министрите кои го бараат тоа од нив, а се против нивните плати, да ја вршат работата, но пред тоа да побараат од министерот или од другите претпоставени да им ги обезбедат сите услови за да може навремено да ги извршат работните задачи – информира вчера ССМ.

Додаваат дека во државата веќе нема социјален дијалог откако на 1 мај се прекинати сите официјални контакти со претставниците на Владата и на министерствата за барањето за линеарно зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2.806 денари, иако од Владата, премиерот и вицепремиерот имало убедување дека ќе се случи тоа со ребалансот на буџетот.

– Владата има игнорантски однос кон работниците и нивните претставници. До денес никој не нè побарал за разговор како претставници на работниците, ниту, пак, има одговорено, ниту разговарано со штрајкувачите по однос на нивното егзистенцијално барање. Со оглед на состојбата, принудени сме, преку нашите братски синдикати – Европската и Меѓународната конфедерација на синдикати кои со своите 250 милиони членови застанаа зад ССМ и барањата на работниците, за прв пат во историјата на државата да поднесеме колективна тужба пред надлежните европски институции, да поднесеме извештај до Меѓународната организација на трудот за прекинатиот социјален дијалог и непочитување на меѓународните конвенции на труд, за непочитување на законите и колективните договори од страна на Владата, како и да поднесеме колективна тужба и поединечни тужби против државата, односно Владата, пред домашните судови за заштита на работничките права, кои укажуваме дека скапо ќе ја чинат државата, а ќе има негативни импликации за рејтингот и во извештаите на Европската комисија и Меѓународната организација на трудот – посочуваат од ССМ.

Тие укажуваат дека срамно е што Владата смета дека вработените во целиот јавен сектор не заслужуваат зголемување на плата од 2.806 денари во време кога инфлацијата вртоглаво расте, трошоците за живот се сè поголеми, а 80 отсто од вработените не можат да си ја дозволат ниту синдикалната минимална кошничка, која е за преживување, а не за луксуз.