Швајцарската инвестициска банка УБС најави дека во следните неколку дена треба да го заврши преземањето на Кредит Свис, кое беше оценето како најголемо преземање на банка од финансиската криза од пред 15 години. Според заедничкото соопштение на банките, Кредит Свис треба да биде целосно интегриран во работењето на УБС до 12 јуни, а како што се наведува, се уште се чека одобрувањето на американската Комисија за хартии од вредност.

„Самата УБС мора да ги земе предвид и другите услови за затворање што треба да се исполнат. Спојувањето ќе создаде финансиски гигант со над пет милијарди долари средства под управување и повеќе од 120.000 вработени“, пишува германски Tагесшау, прнесува Кликс.ба.

Покрај преземањето, УБС најави дека во наредниот период ќе се фокусира на проширување на пазарот кон Азија. „Оваа инвестициска банка е во преговори со повеќе од 100 инвестициски банки во Јужна Кореја, Тајланд, Виетнам и Индија, кои досега работеа под раководство на Кредит Свис“, пишуваат германските медиуми. Преземањето на КС уследи по банкарската криза што ја зафати Швајцарија пред неколку месеци, кога беше објавено дека банката повеќе не може да ги исполнува своите обврски.

Во тој период, швајцарската национална банка и владата обезбедија повеќе од 200 милијарди швајцарски франци за поддршка на ликвидноста на банката, но тоа не беше доволно за целосно спасување, по што беше најавено дека ќе следи спојување на двете банки, со цел да се обезбеди стабилизација на пазарот.