За да можат да излезат и да просјачат пари за граѓаните на шведскиот град Ескилстуна, питачите најпрво ќе треба да добијат дозвола за питачење, што ќе ги чини малку помалку од 23 евра и ќе трае три месеци.

Контроверзната одлука на шведскиот град западно од Стокхолм ќе значи дека секој питач ќе мора да пополни формулар на Интернет или лично во полициската станица, по што ќе добие валидна дозвола.

Ако полицијата фати некој да просјачи без неа, ќе може да му напише парична казна од 370 евра.

Џими Јансон, социјалдемократски пратеник, рече дека планот, кој стапи во сила на 1 август, има за цел да го „бирократизира“ питањето, како и да им го отежни на луѓето питачењето на пари на улица.

„Ќе видиме како ќе оди тоа“, рече Јансон, додавајќи дека системот за дозволи треба да помогне во поврзувањето на ранливите луѓе и бездомниците со локалните власти и социјалните служби.

Критичарите, од друга страна, истакнуваат дека тоа го легитимира питањето и ги прави оние кои биле присилени да питаат, најчесто Ромите од Романија и Бугарија, дури и поранливи.

Јансон не се согласува, велејќи за Афтонбладет дека е убеден дека планот на градската влада е добар.

Ние не го правиме ова за да ги малтретираме ранливите луѓе, туку затоа што сакаме да го решиме прашањето и мислиме дека питањето треба да се нормализира во шведскиот модел на социјалната држава“, рече Јансон.

Неколку шведски градови го забранија питањето во последните неколку месеци откако Врховниот управен суд одлучи да ја продолжи забраната во градот Велинге, на југот на Шведска.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк