Дури три отсто од сиромашните во државата живеат со 1,9 долари на ден, а 23,7 отсто со 5,5 долари на ден. Тоа се фрапантни бројки и мора да се преземе нешто како да се намалат, вели ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, проф. др. Изет Зекири

Зголемувањето на цените влијае врз животниот стандард на граѓаните и врз зголемувањето на сиромаштијата во државата, а Владата треба да преземе мерки за намалување на сиромаштијата и за стопирање на инфлацијата, е главната порака од денешната трибина посветена на бранот на поскапувања и семејниот буџет што се одржа на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје (УМТ).

– Имаме зголемување на сиромаштијата која во моментов изнесува 22 проценти што значи дека скоро 440 илјади жители во државата живеат во сиромаштија. Индикативно е што осум проценти од вработените ја чувствуваат сиромаштијата, 45 проценти од невработените, седум проценти од пензионерите и 33 проценти други неактивни лица. Како држава сме лидер во регионот со апсолутна сиромаштија. Дури три проценти од сиромашните во државата живеат со 1,9 долари на ден, а 23,7 проценти со 5,5 долари на ден. Тоа се фрапантни бројки и мора да се преземе нешто како да се намалат зашто сиромаштијата доаѓа и од бранот на зголемување на цените и од Ковидот, изјави ректорот на УМТ, проф. др. Изет Зекири пред почетокот на трибината.

Тој нагласи дека процентот на екстремна сиромаштија во Грција изнесува 1, во Србија 0,98, во Бугарија 0,76, во Хрватска 0,48, во Албанија 0,35 и во Црна Гора 0,34 проценти. Препорача Владата да преземе мерки за намалување на сиромаштијата преку поддршка на сиромашните со парична помош, преку вклучување на сиромашните на пазарот на трудот, нивно вработување и целосна реформа на социјалниот систем и рамномерно распределување на приходите и на поддршката на сите сиромашни кои ги има во државата.

– Тоа е сет на мерки што Министерството за труд и социјална политика, па и другите министерства треба да ги предложат во оваа сфера, посочи Зекири.

Доцент др. Рилинд Адеми од УМТ истакна дека целта на денешната трибина е од анализите од реалниот сектор и од академската фела да се согледа како се одразува феноменот на зголемување на цените и кои се главните фактори што придонесоа инфлацијата да биде двоцифрена.

– Секторите енергија и прехрана се главните сектори кои придонесоа инфлацијата да биде двоцифрена. Тоа значи дека инфлацијата што ни се случува е предизвикана од страната на понудата и повеќе е увозна отколку што е креирана кај нас. Станува збор за регионален, па дури и глобален феномен. Препорачуваме монетарната и фискалната политика да го следат овој феномен – инфлацијата и да водат политики во насока на стопирање иако сме свесни дека е предизвикана од страна на понудата, а не од побарувачката, рече Адеми.

Гледаме, додаде тој, дека се зголемува каматната стапка кај банките, но гледаме и дека има притисоци од разни групи синдикати околу покачување на платите, што е нормално.

– Владата има и функција на стабилизирање на економијата кога таа не е стабилна. И препорачуваме монетарната политика да биде порестриктивна, но и да води внимателни експанзивни политики зашто овој притисок може да се насочи и на страната на побарувачката што можеби ќе ни донесе уште поголема инфлација, потенцира Адеми.

Доцент др. Букурије Имери Јусуфи рече дека целта на трибината е да покаже колку влијае бранот на поскапувања на семејниот буџет ако се знае дека околу 40 отсто од семејниот буџет, односно од потрошувачката кошница ни оди за храна.

– Малопродажните цени на храната во последно време се покачени и тоа ни претставува дополнителен фактор кој го отежнува начинот на живеење на народот во целата држава, заклучи Имери Јусуфи.

Претседателот на Универзитетскиот сенат на УМТ, проф. др. Сузана Јордановска рече дека нивната цел е да им помогнат на ресорните министерства со соодветни научни и со стручни совети да ги намалат трендовите на инфлацијата, за која рече дека гледаме оти расте од ден во ден, а со тоа, како што кажа, да се влијае и на порастот на сиромаштијата во државата.

– Се чини дека инфлацијата е тешко да се сопре со оглед и на светските трендови кои се случуваат, но се надевам дека во соработка со Министерството за економија и со останатите министерства ќе може да се изнајдат мерки и решенија врз основа на денешните сознанија што ќе произлезат од трибината, рече Јордановска и додаде дека треба малку повеќе да се консултира научната јавност.

Нагласи дека смета оти досегашните мерки за замрзнување на цените и маржите на основните производи дале резултат.

– Како научна јавност сметаме дека и понатаму треба да продолжат мерките кои беа преземени во изминатиот период за да може на некој начин барем да се држи во место трендот кој за жал од ден во ден расте. Мерките на само што треба да се имплементираат и понатаму, туку треба да се изнаоѓаат и други мерки. Мислам дека повторно треба да се воведе замрзнувањето на цените, потенцира Јордановска.