Греењето на дрва е „план б“ на голем број македoнски домаќинства откако се најавија повисоки цени и рестрикции на струјата во текот на претстојната сезона. Но, ситуацијата не е толку едноставна, затоа што дрва за огрев е се потешко да се најдат за купување, а и нивната цена во последниве две седмици драстично скокна.

По најавите за поскапување на струјата по Нова година, граѓаните загрижени за топлењето на домаќинствата, побрзаа да обезбедат и резервна опција за топлење.Ова е возможно за оние кои имаат домови или живеат во станови од згради со изведени оџаци.

Но, и оние кои бараат барем по некој метар кубен огревни дрва не можат лесно да дојдат до нив бидејќи складиштата се празни, а кај приватните препродавачи цените скокнаа и се движат до 3.800 денари за метар кубен.

Експертите велат дека греењето со огревни дрва се уште е економски најисплатливо, а со електрична енергија е еколошки најприфатливо.

-Просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање или најчесто околу шест кубни метри, смета проф. д-р Константин Димитров од МАЦЕФ.

Доколку се подели вкупната произведена и продадена дрвна маса на годишно ниво со бројот на кубните метри неопходни за греење се добива дека повеќе од 130.000 домаќинства се греат на огревно дрво.

Максималната малопродажна цена на огревното дрво испорачано до купувач во ЈП „Национални шуми” е 3.000 денари по кубен метар за даб и 2.900 денари за бука со вклучен ДДВ, но дополнително огревното дрво треба предвреме да се нарача, најчесто на крајот на изминатата грејна сезона за да биде испорачано во тековната грејна сезона.

Просечната, пак, малопродажна цена за кубен метар буково огревно дрво во приватните складишта се движи од 3.300 до 3.800 денари, а кај дабовото дрво е поскапа за 200 до 300 денари по кубен метар. На тоа треба да се додадат пари за транспорт, сечење и за цепење и складирање на дрвата. Тоа покажува дека за греење со огревно дрво просечно македонско домаќинство одвојува од 19 до 25 илјади денари годишно.

Во домаќинствата најчесто се грее една соба. Доколку, пак, се загреваат повеќе простории или домаќинството има сопствено парно греење на дрва, потрошувачката на огревно дрво оди и до 20 и повеќе кубни метри на годишно ниво, за што се неопходни и повеќе од 80.000 денари годишно.