Околу 60% од германските банки пресметуваат негативни каматни стапки на депозитите на корпоративниот сектор, а повеќе од 20% го прават тоа кога станува збор за депозитите на домаќинствата, според најновите податоци на германската централна банка.

Анкетата на Bundesbank дава најјасна слика за тоа колку банки „казнуваат“ клиенти кои штедат пари, бидејќи Европската централна банка (ЕЦБ) дополнително ги намали каматните стапки во негативна вредност на -0,5 проценти кон средината на септември, пренесува „Financial Times“.

Bundesbank обработуваше податоци од 220 банки на крајот на септември, две недели по одлуката на ЕЦБ. Дури 58 проценти од банките изјавиле дека одговориле позитивно на оваа мерка на ЕЦБ со воведување на негативни каматни стапки на одредени износи на депозити кај корпоративниот сектор, додека 23 проценти изјавиле дека тоа го сториле со депозити за домаќинствата. Иако, повеќето банки пресметуваат негативна камата само за многу големи износи кои се депонираат на штедните сметки, фактот дека банките ги „казнуваат“ штедачите предизвикува хорор во Германија.

Така, „Bild“ објави илустрација наречена „Гроф Драги“ на која е прикажан поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, како вампир кој повлекува пари од банкарските сметки на Германците.

И покрај бесот на јавноста, германските банки не сакаат да ги зголемат каматните стапки на депозитите. Така, Џејмс фон Молтке, главен финансиски директор на Deutsche Bank, минатиот месец им рече на аналитичарите, дека најголемиот германски кредитор  ги засилил своите подготовки за да започне со мерката на ЕЦБ, односно воведување на негативни каматни стапки на клиентите кои ќе депонираат поголеми износи на пари. Тој одлучил дека може да го стори тоа на една петина од сите депозити на домаќинствата.

Стефан Енгелс, неговиот колега во Commerzbank, втората по големина германска банка, изјави дека во врска со ова прашање тие имаат намера да разговараат со своите клиенти кои имаат депозити на износ поголем од еден милион евра .

Најагресивната политика ја спроведува Berliner Volksbank. Најголемата кооперативна банка во Германија минатиот месец објави дека ќе започне со примена на каматната стапка од -0,5% на сите депозити над 100.000 евра. Негативните каматни стапки за прв пат се појавија во Еврозоната во 2014 година.