Нов пристап деновиве беше претставен преку првиот индекс за повеќедимензионална детска сиромаштија и истражувањето за мултидимензионалната детска сиромаштија во Македонија на „Фајнанс тинк“ и УНИЦЕФ

Детската сиромаштија во сите нејзини форми и димензии, особено кај децата, сигурно ќе биде еден од предизвиците со кој што ќе се соочи и идната влада, доколку сака да одговори на заложбите за преполовување на ова општествено зло кај најмладите до 2030 година, но и за остварување на крајната цел – нејзиното целосно елиминирање. Тоа нема да биде нималку лесно, не само поради високиот процент сиромашни кај нас, особено млади, туку и ако се знае дека ковид пандемијата дополнително стави во ризик од сиромаштија 19 илјади деца. Постоењето соодветни алатки, како што е анализата на повеќедимензионалната детска сиромаштија, доколку се инкорпорираат во владините политики, може да придонесат за попродлабочено и сеопфатно согледување на овој голем проблем и преземање соодветни мерки кои што ќе дадат и најголеми ефекти.

„Децата може да живеат во релативна благосостојба на семејството во смисла на нивниот доход, но истовремено да живеат во услови на недостиг на храна, на пристап до рано детско образование, или можеби страдаат од психолошка агресија или занемарување“, вели Патриција Диџовани, претставник на УНИЦЕФ во Северна Македонија, појаснувајќи ја разликата меѓу двата пристапи кон детската сиромаштија – монетарниот, кој како критериум го зема нивото на доходот, и повеќедимензионалниот, кој во детската сиромаштија навлегува многу подлабоко, и покрива различни аспекти од благосостојбата на децата вклучувајќи здравје, исхрана, пристап до вода и санитетски услови, развој на децата, образование, заштита на децата, пристап до информации и останато, што ја прави погодна за соодветна анализа на лишувањата на кои се изложени децата.

Нов пристап

Овој нов пристап кај нас деновиве беше претставен преку првиот индекс за повеќедимензионална детска сиромаштија на настанот „Сиромаштијата кај децата во Северна Македонија – семејните примања не се единствениот фактор“ во организација на институтот за економски истражувања и политики, „Фајнанс тинк (Finance Think) и со поддршка на претставништвото на УНИЦЕФ во земјава на која беше презентирано и обемното истражување „Мултидимензионалната детска сиромаштија во Северна Македонија – Повторно осмислување на мерењето и справувањето со детската сиромаштија“.

„Има две главни причини зошто соодветното мерење на сиромаштијата е клучно. Прво, сегашните мерења кои што се базираат на доходовниот принцип оневозможуваат да се опфати комплексноста и сите останати аспекти кои што ја дефинираат повеќе димензионалната детска сиромаштија. Второ, сиромаштијата кај децата се разликува од сиромаштијата кај возрасните. Имено децата се повеќе изложени на сиромаштија и доколку заглават во сиромаштија од нивното раѓање многу е веројатно дека ќе останат сиромашни. Понатаму, децата имаат посебни основни човечки потреби кои зависат од пристапот до основна структура на јавни услуги, немаат контрола врз ресурсите во домаќинствата и не ги делат еднакво среќните и несреќните околности во домаќинството“, вели Благица Петрески, од „Фајнанс тинк“ која заедно со Бојан Србиноски и Александар Николов го спроведоа истражувањето.

Поради тоа, како што додава, традиционалните мерења според доходот се надополнуваат со директни мерења на сиромаштијата во повеќе аспекти и димензии кои ги имаат предвид различните основни потреби на децата и правата кои тие треба да ги уживаат. Студијата, како што посочува Петрески, се базира на методот за мултидимензионална сиромаштија Алкире – Фостер применета во светски рамки.

Од УНИЦЕФ нагласуваат дека во последните 15 години Северна Македонија направи значителен напредок во намалување на монетарната сиромашија. Сепак, анализите на социјално економските последици на пандемијата покажуваат дека децата беа многу повеќе погодени и пандемијата го збриша постапниот прогрес што беше постигнат изминатата деценија во намалување на детската сиромаштија поврзана со приходите. Таквата детска сиромаштија се очекува да се зголеми на 27,8 отсто на 32,4 отсто ставајќи дополнителни 19 илјади деца во ризик.

Ова разорувачко дејство на КОВИД-19 исто така е знак дека е време да се преобликува генералниот пристап за справување со детската сиромаштија.

Мултидимензионален пристап

„Време е да се стави до знаење дека клучните документи повеќе не можат да се донесуваат само на севкупната стапка на сиромаштија, туку мора да се обратат и на детската сиромаштија“, посочи Диџовани зборувајќи за мултидимензионалниот пристап.

Клучните согледувања од истражувањето покажуваат дека 12 отсто од децата на возраст од 5 до 17 години и 9 отсто од децата помали од 5 години страдаат од мултидимензионална сиромаштија. Потоа, дека децата Роми, без оглед на возраста, се значително поранливи. Во истражувањето се наведува дека најмалку едно од три ромски деца страда од мултидимензионална сиромаштија, споредено со едно од девет деца на ниво на вкупното население.

Значајни се сознанијата во однос на возраста. Така, над 40 отсто од децата помали од 5 години кои се соочени со мултидимензионална детска сиромаштија, се лишени од можности за ран детски развој, безбедност и материјална благосостојба. Од друга страна секое второ дете на возраст меѓу 5 и 17 години кое е соочено со мултидимензионална детска сиромаштија, доживува различни видови лишувања во областите образование, безбедност и грижа и љубов.

Истражувањето се осврнува и на регионалниот аспект на детската сиромаштија, како и за распространетоста и интензитетот во урбаните и во руралните средини. Најпогодени се Источниот и Југоисточниот регион, во кои има висока преваленца на мултидимензионална сиромаштија, но и во Полошкиот и Скопскиот регион нивото на ранливост е високо.

Како што покажува истражувањето, детската сиромаштија во урбаните средини може значително да се намали со подобрување на образованието и материјалната благосостојба, а во руралните средини потребен е поширок пристап кој бара интервенции низ повеќе димензии.

Еден од заклучоците е и дека образованието на децата и родителите е важен фактор за излегување на децата надвор од кругот на сиромаштијата.

За да се сфати полесно индексот на повеќедимензионална сиромаштија, Србиновски наместо да наметнува апстрактни објаснувања, како што вели, го објаснува метафорички.

„Замислете за момент дека сите сме Хорасио Кејн (главниот истражител од популарната серија ЦСИ Мајами) и дека нашиот случај е сиромаштијата. Што ни треба – нам ни требаат две базични алатки, како форензичари – УВ лампа и лупа со цел да бараме докази. Треба да пронајдеме нешто што не можеме да го видиме со голо око, нешто што не можеме да го перципираме или видиме агрегатно. Тоа практично ни го овозможува Индексот на повеќедимензионална сиромаштија. Дополнително индексот ни овозможува да видиме какви се тие траги, каква е структурата на тие траги, што се случува во секој сегмент од таа трага… Затоа Индексот на повеќедимензионална сиромаштија е добро да се пресметува на регуларна основа и да се следи неговиот прогрес“, вели Србиновски.

Што покажува индексот на детска сиромаштија

На сличен начин го објаснува и пресметувањето на индексот, преку пример со четири деца кои може да се загрозени во четири димензии – образование, здравје, сигурност и живеалиште, при што секое од нив е загрозено во различна димензија – првото во образование, второто во здравје и сигурност, третото во сите четири и тн.

„Да претпоставиме дека дефинираме праг – најмалку две димензии да го прават детето сиромашно. Тоа значи дека две од четири деца се сиромашни. Тоа ни го дава првиот елемент од Индексот – односно процентот на сиромашни деца. Дополнително, може да се види со колкав интензитет се погодени тие сиромашни деца“, вели Србиновски, при што објаснува дека може да види например дека едното дете е загрозено во две од четири димензии, а второто во четири од четири, што значи дека во просек се загрозени во три четвртини од димензиите.

„Доколку ги помножите, го добивате индексот“, вели тој.

Ваквите детални анализи можат значајно да помогнат во ефективни политики кои треба да ги спроведува државата, на пример во образованието, здравството и во другите сегменти, со цел што поефикасно да се влијае врз намалување на детската сиромаштија, како во опфатот, така и во нејзиниот интензитет.

„Ја има таа грануларност да детектира прогрес иако процентот на сиромашни не се намалил“, вели Србиновски.

Во однос на структурата, тој посочува дека всушност се дефинирани два индекси кои се специфични според возраста на детето. Тоа е направено поради фактот дека некои димензии се специфични на возраста на детето, како на пример образованието е порелевантно за децата од 5 до 17 години, отколку од 0 до 4 години.

Александар Николов, специјалист за социјални политики во канцеларијата на УНИЦЕФ вели дека може да се издвојат неколку аспекти кои што провејуваат и низ студијата, а се присутни и во досегашните комуникации со креаторите на политиките и со сите ранливи страни.

„Првата и основна работа е дека интенцијата на студијата е да го поттикнеме институционализирањето на редовно мерење на повеќедимензионалната детска сиромаштија. Намерата е овој индекс да се вклучи во кошничката на мерки како ја следиме состојбата со сиромаштијата во Северна Македонија, да обезбедиме објавување на периодични извештаи во оваа сфера, кои што ќе овозможат мониторинг на трендовите и проценка на ефектите од мерките на политиките, но и нивно подобро информирање каде треба да го насочат своето внимание. УНИЦЕФ гради политики со статистика и се надеваме дека ваквите заложби ќе влезат во нивната петгодишна програма“, вели Николов.

Тој додаде дека е потребно и вклучување на мерките за повеќедимензионална детска сиромаштија во националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната инклузија, а позитивен аспект е што претходната стратегија заврши во 2020 година така што сега е добар момент кога се зборува за креирање нова стратегија да се вклучат посебни цели и индикатори за повеќедимензионалната детска сиромаштија.

„Потребно е ваквите цели, таргети и индикатори да се вклучат и во секторски стратегии, како на пример за здравствена заштита, за образованието, социјалната заштита и во документи поврзани со борба против дискриминацијата. Овие сознанија да ги преточиме во конкретни политики и во конкретни буџетски планови кои што ќе придонесат да се подобри значително состојбата со детската сиромаштија и да имаме бројки со кои што ќе се пофалиме во регионот и пошироко“, посочи Николов.

Светски парадокси 

И во резимето на истражувањето се нагласува дека „успехот на политичките активности на владите за ставање крај на детската сиромаштија во голема мера зависи за разбирањето на владите за сложеноста на детската сиромаштија“.

Пораките од Извештајот на „Фајнанс тинк“ и на УНИЦЕФ стигнаа и до политичарите – претседателот Стево Пендаровски, кој имаше и свое обраќање, рече дека сиромаштијата на децата е најдлабока форма на социјална неправда што претставува скандал за секоја држава.

„Не можеме да кажеме дека живееме во слободно општество се додека има деца кои живеат во сиромаштија“, истакна Пендаровски, додавајќи дека прашањето на детската сиромаштија пред се е морално и етичко.

„Нам не ни треба некаква апстрактна етика втемелена врз нејасни концепти, туку конкретна етика што подразбира практични чекори и политики кои водат кон системски и структурни промени што ќе создадат услови за издигнување на децата од зоната на сиромаштија и нивно рамноправно вклучување во општеството“, посочи тој, додека министерката за образование и наука, Мила Царовска рече дека методологијата која е избрана за да може да се направи анализа и да се покаже кои сегменти се значајни за да ја намалиме детската сиромаштија ќе ни даде поттик како држава.

„Безбедност, сигурност, живеалиште, образование и здравје се теми коишто директно мора да ги поврзуваме со сиромаштијата на децата ако сакаме да имаме генерации кои ќе си ја гледаат иднината тука и добро оспособена младина“, рече Царовска.

Останува да се види дали новата Влада ќе ги споделува ваквите гледишта и дали ќе ги прифати препораките и ќе ги вгради во своите политики.

Сиромаштијата е глобален проблем. Во последниот извештај на УНДП за глобалната мултидимензионална сиромаштија за оваа година се вели дека во 109 опфатени земји во кои живеат 5,9 милијарди луѓе, 1,3 милијарди луѓе се повеќедимензионално сиромашни. Околу половина (644 милиони) се деца под 18 години. Речиси 85 отсто живеат во Супсахарска Африка (556 милиони) или Јужна Азија (532 милиони). Повеќе од 67 отсто живеат во земји со среден приход.

„Но, каква е секојдневната реалност на животот за мултидимензионално сиромашните луѓе? Податоците даваат мрачна слика: По 1 милијарда се изложени на цврсти горива за готвење, несоодветни санитарни услови и неквалитетно домување. 788 милиони живеат во домаќинство со најмалку едно неухрането лице. На 568 милиони им недостига квалитетна вода за пиење во радиус од 30-минутната повратна прошетка…

И сето ова кога на глобално ниво светското економско производство се очекува да надмине 100 билиони американски долари (100 илјади милијарди) за првпат следната година, што е две години порано од предвиденото. Според извештајот на Центарот за економски и трговски истражувања (ЦЕТИ), објавен во неделата, прогнозата за 2022 година е во согласност со прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд, кој прогнозира дека глобалниот БДП ќе надмине 100 билиони американски долари во 2022 година.