Од бизнис секторот велат дека во моментов поминуваат низ многу тежок период, но според нивните прогнози, крајот на оваа и следната 2023 ќе бидат уште полоши за компаниите. Смируваат дека и покрај сложените услови во кои работат, фирмите се обидуваат да ги задржат вработените и да нема отпуштања, ниту пак затворање на бизнисите.


-Втората половина од годинава се очекува да биде полоша не само на глобално, туку и на регионално ниво. Случувањата се тие, неизвеснота е голема. Кризата со војната сериозни ги зголеми цените на енергенсите, трошоците на суровините исто така многу се зголемија. Многу компании можат да затворат, затоа што нивниот обем на производство е сериозно намален. Но, се трудат да нема отпуштања и да нема намалување на бројот на вработени. Секогаш се можни откази, но мора да се најде соодветен модус тоа да не се случи, вели за “Денар”, Миле Бошков, претседател на Конфедерација на работодавачи.

Вели, состојбата со цените на енергенсите речиси една година е драмитична, но нема знаци дека наскоро нешто ќе оди на подобро, иако има минимални поевтинување на струјата на берзите. Ваквите скокови во економиите не само во Европа, туку и во светот донесоа поскапуваење на производите. А поради војната во Украина се појави и недостаток од производи и суровини. Инфлацијата во мај достигна до рекордни 12 проценти. Но, колкава ќе биде во следниот период, од бизнис секторт велат дека не може ништо да се прогнозира со бројки, кога состојбата е толку неизвесна и кога не се знае во која насока ќе се движи светот.

-Според мене никој не може да прогнозира, ниту пак да даде било какви информации. Прогнозите на институциите се многу дискутабилни, затоа што некои цени на производи отидоа многу повисоко од тоа што се очекуваше. И затоа никој не може да каже колкава ќе биде. Да се предвиди ќе биде многу тешко, додава Бошков.

Според експертите таа во следниот период би достигнала и до 15 проценти. И од ССМ предупредија дека стапката на инфлација за овој месец ќе биде повисока, од онаа во мај.

Владата со ребалансот очекува годинава да се заврши со инфлација од 7, 2 проценти, но прогнозите на дел од експертите е дека ќе биде повисока, до речиси 10 отсто.

Дека состојбата за бизнисот е тешка покажуаваат и податоците на УЈП, за април и март низ кои може да се види дека се потешко се исплаќаат платите.

Затоа од стопанството побараа при креирањето на мерките, повеќе помош да има за бизнисот, затоа што компаниите секој ден се борат со сериозно високи трошоци.

На глобално ниво пак прогнозите од меѓународните институции се дека некои земји ќе влезат во рецесија, но и дека има закана од стагфлација – стапките на инфлација да бидат уште повисоки, а производството значително да опадне.