Суштината на брендот не е во рекламите, туку во односот кој го негуваме со клиентите, посветеноста која секојдневно ја практикуваме задоволувајќи ги нивните потреби.

Интервју со Андреј Јовковски, директор на Самостојната дирекција за маркетинг во Комерцијална банка, објавено на порталот Pari.com.mk

 

Г-дине Јовковски, причината поради која сакавме да го реализираме овој разговор со Вас е тоа што во последниот период гледаме поголемо присуство на Комерцијална банка во медиумите. На што сѐ работи маркетинг секторот кој го водите?

Точно е дека сме во период со зголемен интензитет на комуникации и активности воопшто. Се наоѓаме сред корпоративна кампања, низ која претставуваме освежен визуелен идентитет на Комерцијална банка и тоа на сите нивоа на комуникација. Но, активно се реновираат и експозитурите на Банката со сосема нов дизајн, а лансиравме и нов веб сајт, www.kb.mk. Во следниот период ќе имаме уште вакви новитети, а заедничка нишка на сите нив е што и натаму се доближуваме до потребите на клиентите, односно нудиме уште подобри и посовремени решенија за сите нивни финансиски потреби.

Во високо конкурентна средина како нашата, работата на маркетинг секторот е активно да ги пренесува во јавноста придобивките од производите и услугите кои ги нудиме, но истовремено и вредностите за кои се залагаме, нашата корпоративна култура. Следејќи ги состојбите и трендовите веќе подолг период бевме подготвени да го претставиме освежувањето и да ја модернизираме банката на секое ниво. Пандемијата го помести почетокот, но без оглед на тајмингот, нашите клиенти добија нови, подобрени алатки, а и во иднина ќе гледаат уште подобри и поефикасни финансиски решенија за нивното секојдневие.

 

Комерцијална банка по подолго време претстави ново, односно освежено лого, но и нов визуелен израз во рекламните материјали. Која беше причината за ова освежување?

Постојат одредени симболи, односно логоа кои во нашата земја се добро познати и се препознаваат од различни генерации. Комерцијална банка е еден од тие добро познати брендови и нејзиното лого е веднаш препознатливо токму поради долгата историја на банката и длабоката релација што ја има создадено со нашето општество низ нејзините речиси 67 години постоење. Освежувањето на логото, неговите бои, типографија е една вообичаена постапка која се наметнува поради промените во ситуациите во кои логото секојдневно се појавува. Во денешно време комуницираме преку помали екрани, на социјални мрежи, мобилни апликации итн., а секогаш постојат измени во визуелните трендови, па нивното следење е неопходност за да се одржи чекор со новите навики на луѓето. Инаку, се работи за истото, добро познато лого, кое има одлична препознатливост и нема никаква причина да се менува, освен, како што реков, да се приспособи на новото време и на дигиталните простори во кои сѐ почесто ќе се среќава.

Освен промените кај логото, лансиравте и нова кампања за брендот, а забележавме и дека имате нов слоган, ПОЛЕСНО Е ЗАЕДНО. Како дојдовте до него? Зошто токму овој слоган?

Сигналите кои ги емитува еден бренд се присутни постојано и се видливи преку сѐ што прави една организација, без оглед дали користите слоган во комуникациите или не. Суштината на брендот не е во рекламите, туку во односот кој го негуваме со клиентите, посветеноста која секојдневно ја практикуваме задоволувајќи ги нивните потреби. Оттаму, слоганот е само еден од начините преку кои ги изразуваме нашата решеност и мотив.

Можеби ќе звучи малку контрадикторно, но доаѓањето до овој слоган подразбираше еден процес кој иако беше сложен, беше и многу лесен. Појдовна точка беше причината за постоењето на Комерцијална банка сиве овие години, а тоа е да ги решаваме сите финансиски потреби на нашите клиенти и преку нашата посветеност да им обезбедиме поедноставен, просперитетен и безгрижен живот. А ниту ние, ниту нашите клиенти, ниту општеството како целина, не можеме да го обезбедиме тој просперитет доколку не работиме посветено и заедно.

„Полесно е заедно“ е една универзална вистина која, особено ние на нашите простори, многу добро ја знаеме. Без оглед на ситуацијата, од најубавите мигови во животот, до оние помалку посакувани денови, поддршката од блиските и од стручните околу нас секогаш ни го прави секој предизвик полесен и секој ден поубав. Истата мотивација секојдневно го води и нашиот тим на вработени и нѐ води во желбата кога помагаме преку бројните спонзорства и донации во општеството, кога организираме волонтерски еколошки акции или ги едуцираме најмладите за важноста на финансиите и штедењето. Така што, слоганот има голема приказна зад него, но е една едноставна вистина која секојдневно ја живееме.

 

Суштината на брендот Комерцијална банка се посветеноста и задоволството на клиентите

 

И покрај присуството на поголем број странски банки на нашиот пазар, вие сте една од ретките доминантно домашни банки која успешно ја одржува својата позиција на пазарот, како во делот на населението, така и кај компаниите. На што се должи успехот во одржувањето на базата на задоволни клиенти?

Комерцијална банка како организација претставува една огромна акумулација на знаење и искуство во финансиите. Безмалку 67 години, низ кои е градена стручност, професионалност и искуство кое е незаменливо. И што е можеби најважно, сето тоа искуство е создавано овде, во нашата заедница, што резултира со одлично разбирање на потребите на нашите граѓани и компании и со висока доверба од нивна страна.

Но, она што е многу важно е што таа доверба постојано ја одржуваме и ја надградуваме преку квалитетна услуга и усовршување на понудата на производи. Интензивно се дигитализираат сите процеси и сѐ повеќе услуги се достапни целосно онлајн, во секое време и без потреба од доаѓање во банка. Нудиме најповолни кредитни, депозитни и платежни производи за физички лица, а за компаниите се одржува неспоредлива стручност за сите потреби, од кредитна поддршка до меѓународно работење за најсложени трговски операции. Темпото со кое Банката работи на иновации е секогаш приспособено на потребите на клиентите, но наместо избрзано следење на трендовите, се нудат исклучиво проверени и бескомпромисно квалитетни решенија. А тоа пазарот секогаш го препознава.

Комерцијална банка е позната по поддршката што редовно ја дава за разни културни или хумани проекти. Јасно е дека компаниите низ тие спозорства добиваат одредена реклама, но што е со оние хумани проекти и донации кои се помалку или воопшто не се од комерцијална природа? Како гледате на бенефитот од нив?

Во право сте со забелешката дека Комерцијална банка често се поврзува со учество во разни сфери на општеството. Како домашна институција која постои безмалку колку и самата држава, Комерцијална банка била отсекогаш тесно поврзана со нашето општество, и во убавите, но и во најтешките мигови. Едноставно, она што им се случува на нашите граѓани ни се случува и нам, бидејќи ние сме оттука, дел сме од ова општество. Па оттаму и природно е да сме инволвирани во поддршката на сите вредни проекти, на исклучителните таленти или да помогнеме на оние на кои им е итно потребна помош. Просперитетот на едно општество нѐ засега сите нам кои живееме овде, едукацијата ни помага на сите и не постои друг пристап освен да се помогне секогаш кога тоа е можно.

Пристапот во поддршката на различните проекти всушност го отсликува пристапот кој Банката го применува во целосното свое работење. Погледот секогаш е насочен кон долгорочниот развој и кон вистинските вредности кои се важни за просперитетот. Од традиционалната поддршка за уникатните културни вредности на нашата земја, како на пример Галичката свадба или Струмичкиот карневал, преку проектите за помош и интеграција на маргинализираните групи во општеството, како што е нашата 11-годишна поддршка за Црвениот крст, до големите донации за здравствениот систем и здравствените работници во екот на пандемијата со Ковид 19, за која добивме и признание за Истакнато кризно лидерство (Distinguished Crisis Leadership) од познатиот магазин Global Finance – сето тоа се примери за длабоката вкоренетост на општествената одговорност во нашето работење.

Но, и оние т.н. комерцијални проекти се повеќе од само реклама. Преку спонзорството на РК Вардар всушност го поддржуваме македонскиот ракомет, и тимот кој два пати го достигна врвот на Европа и на сите ни докажа дека со напорна работа ништо не е невозможно. Или поддршката за Фудбалската федерација на Македонија и за нашата фудбалска селекција во клучните моменти пред историскиот настап на Европското првенство, која е исто така многу повеќе од материјално спонзорство. Одлуката ја донесовме токму поради ветерот во грб кој им беше потребен на нашите херои и во очи на тој важен миг за целата нација да бидат ослободени од каква било грижа, односно да почувствуваат дека буквално сите сме со нив. И дека навистина сѐ е полесно кога сме заедно.

 

Паралелно со визуелните освежувања и новиот пристап во комуникациите, што може друго да очекуваме како новини од банката следниот период?

Промените кои ги започнавме немаат за цел да останат во визуелната или комуникациската сфера. Напротив, ќе имаат ефект врз целокупната понуда на Банката. Постојаната модернизација на експозитурите, воведувањето целосно дигитални зони во нашата мрежа, кои функционираат 24/7 и нудат сѐ повеќе услуги за клиентите, редизајнот и новите функционалности кај онлајн сервисите и апликациите, сето тоа е само почетна база врз која ја надградуваме понудата. Најважно за клиентите е што Банката и натаму ќе ги унапредува производите и ќе овозможи уште повеќе придобивки кои веднаш ќе се почувствуваат. Веќе е започнат нов промотивен период за потрошувачкиот кредит до 30.000 евра, со што тој и натаму има најповолни услови на пазарот. Воведуваме и опции кај неколку кредити за физички лица кои ќе вклучуваат животно осигурување и осигурување од спреченост при отплата, што ќе значат уште поповолни услови за клиентите. Потоа се воведува и паричен депозит без употреба на штедна книшка итн. Ова се само неколку примери преку кои во моментов нудиме конкретни придобивки за клиентите, а веќе се работи и на други производи и пакети кои ќе бидат создадени според потребите на различни целни групи, од млади до пензионери. За жал во моментов не можам да откријам повеќе детали, но можам слободно да кажам дека сите унапредувања во фокусот ќе ги имаат дигитализацијата и подобрувањето на условите за клиентите.