Словенечката економија забележа силен раст во вториот квартал од 2026 година. БДП порасна за 5 проценти на годишно ниво, што е највисока стапка на раст од почетокот на 2022 година.

Растот е забрзан во однос на првиот квартал, кога изнесуваше 3,2 проценти. Домашната потрошувачка се зголемила за 5,9 проценти, додека инвестициите во фиксен капитал пораснале за 13,2 проценти.

Особено силен придонес има градежниот сектор, каде додадената вредност се зголемила за 15,9 проценти. Раст е регистриран и во трговијата, транспортот и угостителството од 5,2 проценти, како и во преработувачката индустрија од 4,3 проценти.

Извозот на стоки и услуги пораснал за 6,4 проценти, а увозот за 7,6 проценти, поради што надворешно-трговскиот биланс имал негативно влијание врз растот.

Во првата половина од годината словенечкиот БДП е зголемен за 4,1 процент, што е значително над досегашните прогнози за годишен раст од околу два проценти.

Паралелно со економскиот раст, продолжува и силната градежна активност. Вредноста на извршените градежни работи во првите шест месеци е за 23,6 проценти повисока во споредба со истиот период лани.