Тројно повисок данок на имот за граѓаните кои имаат куќа или стан, но не не живеат во него. Оваа идеја ја најави премиерот Заев минатата недела во интервју за Дојче веле. 

Целта е драстично да се зголеми данокот на имот за сите кои поседуваат недвижности, а не ги користат, вклучително и земјоделското земјиште, правни лица, како и државниот имот.

„Во законот за данок на имот ставаме три пати повисок данок на имот за сите што имаат втор стан, трета куќа, деловен простор, се што не е искористено. Пред се државата. Ако има на пример поранешни детски одморалишта, не ги користи има да плати три пати повисок данок на таа општина каде што е одморалиштето. Ако не, нека го продаде, нека го изнајми, нека го стави во функција. Секој што ќе го стави во функија, ќе го продаде, изнајми и слично нема проблем, ако не, биди ти богат брат, ама ќе платиш три пати повеќе данок.“ изјави Зоран Заев, претседател на Влада

Според сегашниот закон граѓаните плаќаат данок од 0,1 до 0,2% од пазарната вредност на станот. Ако живеат во него, тогаш данокот се намалува за 50%. Доколку не живеат, или имаат деловен простор кој не го користат, тогаш ја плаќаат целата сума. Со новите стапки кој ги најави Заев, сумата ќе биде три пати повисока.

За дел од економските експерти мерката е популистичка и нема да донесе повеќе пари во буџетот. Економистот Горан Рафајловски, вели дека ако државата навистина сака да го наполни буџетот, најпрво и единствено треба да ја сузбие сивата економија.

„Ова ќе биде уште едно катастрофално решение, како што беше решението за 18% за поголем данок на добивка. Или кратко кажано, тие што плаќаат тие се во систем, тие имаат повеќе имот. Јас се сложувам дека треба повеќе да плаќаат. Секој што не користи треба да го плати, па дури и целиот данок наместо да не го користи, целиот да се зголеми за некоја ситна процентна стапка, но добро да се пресмета. Но, сакате вистински 1 милијарда да донесете во каса, треба сериозно да седнете и да го работите она за што ве изгласале, барем во економскиот дел.“ изјави Горан Рафајловски, економист

Предлогот изминатата недела требаше да помине на владина седница, но од Владата велат дека е вратен на доработка и би требало да се најде на некоја од наредните владини седници.