Премиерот Зоран Заев, денеска одговарајќи на новинарско прашање за вчерашните протести на оризопроизводителите кои бараат повисока откупна цена, забрана за увоз на неквалитетен ориз и заштита на домашното производство, потенцираше дека стојат на располагање да помогнат за оризовата арпа.

– Секако сум во тек со тоа што се случува со сите земјоделски производи и со сите земјоделци во државата. Веќе најавив, благодарение на навремените анализи Буџетот предвидел средства, ги имаме и дел во КОВИД-програмите ќе се помогне со три дополнителни денари на лозарите и секако со поддршката на извозот којашто оваа година верувам дека ќе постигне така убави цени коишто одамна ги немало за пласманот и на „вранецот“ и на „смедеревката“, а исто така со три денари ќе помогнеме за индустриското јаболко. Сето тоа е испроектирано во Буџетот, а и во делот на оризовата арпа помагаме континуирано, и по делот на хектоража и по делот на субвенциите, дадовме инструкции и насоки на барање на министерот после консултациите да имаме максимален фокус и посветеност, рече Заев.

Постоиме, дополни, за граѓаните без разлика дали се тоа во Кичево или во Кочани, дали се во Ресен или во Кавадарци, на сите страни, тука сме да служиме и да помогнеме и нема да ги оставиме сигурно така. Доколку не се решат работите заедно министерот и земјоделците и граѓаните јас стојам целосно на располагање. Гледате дека имаме флексибилни механизми да им се најдеме на граѓаните затоа што навистина и од пандемијата има дисторзија во пазарите на сите продукти, истакна Заев.