Министерството за финансии и Народна банка потпишаа меморандуми за разбирање со Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (СЕЦО) со кои се воспоставува соработка во полето на макроекономското планирање и управување.

Како што соопштија НБ и МФ, станува збор за зајакнување на капацитетите и унапредувањето на алатките за макроекономска анализа и проектирање преку соработка и размена на искуства со експертски тим на Државниот секретаријат за економски прашања (СЕЦО).

Меморандумите ги потпишаа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за финансии Фатмир Бесими и амбасадорката на Швајцарија во земјава, Вероник Улман, од името на СЕЦО.

Во рамките на овој проект, преку спроведување на првиот модул, Министерството за финансии ќе може да постави рамка за макроекономско планирање, концепт кој ќе овозможи кохерентни анализи на податоци, предвидувања и планирање на политики. Глобалниот проект се базира на инструментот на ММФ за финансиско програмирање и планирање, а ќе се спроведува преку модуларен пристап. Имплементацијата на проектот е поддржана од експерти од Implementing Consortium formed of Ecorys и OGResearch, соопштија од Министерството за финансии.

-Гувернерката на Народната банка истакна дека јакнењето на аналитичките капацитети на централната банка е од клучно значење, бидејќи кредибилните макроекономски анализи и проекции се основа за носење соодветни економски политики. Ангеловска-Бежоска ја посочи важноста на овој проект, особено во контекст на тековната криза и во услови на висока неизвесност, кога квалитетните макроекономски проекции играат значајна улога во следните активности на економските чинители. Ова е исклучително важно кај монетарната политика, каде што формирањето на очекувањата е суштинско за идните движења. Таа истакна дека централната банка ќе продолжи со постојано надградување и јакнење на аналитичките способности, стои во соопштението, соопшти НБ.