Ќе има ли ново зголемување на цените на производите во следните шест месеци, до стапување во сила на Законот за нефер практики?

Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска порача производителите да не подлегнуваат на притисокот на одредени трговци, кои во овој вакуум период, неофицијално ги уценуваат да прифатат маржи од 10 до 30 отсто, но доколку во периодот на адаптација на законското решение сепак има зголемување на цените, тогаш Министерството ќе и предложи на Владата одредени мерки со цел да бидат ублажени истите.

За спречување на евентуални злоупотреби на производителите на храна што ќе ги прават маркетите во овој вакуум простор, Бектеши вели дека Министерството за економија нема да преземе ништо, бидејќи според него, не би било во ред да оди и да преговара со трговците и додаде дека во наредниот период ќе остави трговците и производителите сами да си го прават редот.

На Светскиот ден за заштита на потрошувачите, Бектеши истакна дека во Стопанската комора веќе е испратена листа на разгледување од најмалку 2.300 производи кои за половина година би требало да поевтинат во маркетите со ограничувањето на рабатот, по усвојувањето на Законот за забрана на нефер трговски практики.