243 газди се спасија, а 344 може кривично да одговараат за злоупотребата на државните пари за исплата на минималец за работниците. Финалниот список денеска патува кон Обвинителството, потврдија за „Телма“ од Генералниот секретаријат. Газдите кои минималецот за работниците си го ставија во џеб, покрај што ќе ги враќаат парите, ќе заработат и парични казни, а  им се заканува и казна затвор од 1 до 10 години.

ДЕНЕСКА ЌЕ БИДЕ ПУШТЕН СПИСОКОТ ДО ОБВИНИТЕЛСТВО. НА OБВИНИТЕЛСТВОТО ОСТАНУВА ДА УТВРДИ ДАЛИ ИМА ОСНОВ ЗА ПОКРЕНУВАЊЕ НА ПОСТАПКА, ВЕЛИ РАШКОВСКИ.

Но, како се ажурираше списокот така „испаруваа“ и фирмите. Па така првично УЈП објави дека вкупно 708 газди за два месеци,  не исплатиле околу 385.000 евра на над 1.700 вработени. Но до јавното објавување на фирмите паѓаа и бројките. Првичниот список беше со под 600, за финалниот список да брои 344 компании – неплаќачи. Не исплатиле над 180.000 евра на 800 вработени.

ЗАКЛУЧНО СО ПЛАЌАЊАТА ДО 07.08.2020 ГОДИНА, ЗА АПРИЛ НЕ ИСПЛАТИЛЕ ПЛАТИ 147 ФИРМИ НА КОИ ИМ БИЛА ИСПЛАТЕНА ФИНАНСИСКА ПОМОШ А НЕ ИСПЛАТИЛЕ ПЛАТА ЗА 360 ВРАБОТЕНИ ВО ВКУПЕН ИЗНОС ОД 4,977,348 ДЕНАРИ. ЗА МАЈ НЕ ИСПЛАТИЛЕ ПЛАТИ 197 ФИРМИ ЗА 441 ВРАБОТЕН ВО ВКУПЕН ИЗНОС ОД 6,152,628 ДЕНАРИ, ОДГОВОРИЈА ОД УЈП.

Другите пак 243 газди, кои  иако ги пробија сите рокови, а Владата им прогледа низ прсти, исплатиле 140.000 евра за два месеци на 621 вработен.

Нема информација кога ќе биде објавен и другиот список, тој со газдите кои на работниците им го скратиле и минималецот. УЈП објави дека околу 3.750 компании на речиси 53.000 работници исплатиле 1,5 милиони евра помалку од парите кои ги добиле од државата. Овие компании ги проверува Трудовиот инспекторат.

Јавноста жестоко реагираше на манипулациите со државните пари за работниците. Покрај експертите и синдикатите кои бараа и кривична одговорност за газдите, на злоупотребата на државаната помош реагираше и Светската банка. Во одгoвор за „Телма“  беа категорични дека покрај тоа што фирмите ќе треба да ги вратат парите, може да бидат и предмет на истрага и од банката, бидејќи во апликацијата се согласиле да ги почитуваат упатствата за борба против корупцијата.

 

Извор: Телма