Основачот на групацијата Алибаба, Џек Ма, беше изоставен од списокот на кинески лидери во претприемништво објавен од државните медиуми – сигнал што покажува колку паднал во немилост на Пекинг.

Најпознатиот кинески бизнисмен не беше споменат во написот објавен на насловната страница на „Шангај секјуритис њуз“. Наместо тоа, за нивните придонеси беа пофалени Рен Зенгфеи од Huawei Technologies, Леи Јун од Xiaomi и Ванг Куанфу од BYD, пренесува Ројтерс.

Списокот беше објавен во вторникот во време кога се очекува Алибаба да ја пријави заработката во последниот квартал.
Катализатор за тековните проблеми на Ма беше неговиот говор на 24 октомври минатата година во кој тој го критикуваше кинескиот регулаторен систем, што доведе до суспензија на иницијалната јавна понуда (ИПО) на неговата Ант групација во вредност од 37 милијарди долари, само неколку дена пред да овој финтех гигант да излезе на берза, пренесува Бизнисинфо.ба.

Оттогаш регулаторите започнаа антимонополска истрага за компании во технолошкиот сектор, обрнувајќи посебно внимание на Алибаба и разгледувајќи построги регулативи за Ант групацијата.

Ма, кој не е познат по избегнување на јавни настапи, потоа исчезна од очите на јавноста околу три месеци, предизвикувајќи шпекулации каде се наоѓа. Тој се појави минатиот месец во видео од 50 секунди.

„Шангај секјуритис њуз“ соопшти дека иако некои од претприемачите кои ги пофалил претходно дејствувале како „немилосрдни херои“ во нивните напори да се отцепат од стариот, крут економски систем, тие сега водат „група компании кои го почитуваат развојот и пазарните правила“.