Комисијата за заштита на конкуренцијата поведе постапка против компанијата Гловоап Технолоџис, која го поседува брендот Глово, за да утврди дали компанијата ја злоупотребила својата доминантна позиција на пазарот.

Постапката е започната по Законот за заштита на конкуренцијата, а ненајавен увид е извршен во просториите на компанијата. Комисијата наведува дека во договорите што Глово ги склучил со своите партнери забележала одредби кои може да го отежнат проширувањето на пазарот на конкурентските компании или целосно да го оневозможат тоа.

Ова дополнително може да доведе до дискриминација на партнерите преку примена на нееднакви деловни услови, што претставува злоупотреба на доминантната позиција. Комисијата стана сомнителна при анализата на условите на конкуренција во областа на дигиталните платформи за посредување при продажба и испорака на главно ресторанска храна и други производи, пренесе Танјуг.

Инаку, по преземањето на платформата „Донеси“ во 2021 година, компанијата Глово значително ја прошири својата деловна мрежа и драстично го зголеми пазарниот удел, стекнувајќи доминантна позиција, што ја промени структурата на пазарот. Од компанијата „Глово“ потврдија дека во рамките на истрагата им се обратила Комисијата за заштита на конкуренцијата, но и дека се убедени дека нивниот бизнис е усогласен со сите важечки прописи за заштита на конкуренцијата и позитивните прописи дефинирани со закон.