По денешната средба на Сојузот на синдикати на Македонија со претставници од Владата, дијалогот продолжува в среда, за кога е закажан Економско-социјален совет, каде на трипартитно ниво помеѓу Владата, работниците и работодавачите ќе се одлучува за барањата на синдикатот за зголемувањето на минималната плата, а како што велат од ССМ тоа е „единствената светла точка од денешната владина средба“.

„Како Сојуз на синдикати на Македонија не го прифаќаме зборот „ќе“, туку „кога“ и „колку“. Затоа сум малку револтиран од односот на нашите социјални партнери. Во среда продолжува битката за работничките права. Единствената цел е егзистенцијата на работникот во оваа економска, ковид и енергетска криза -рече претседателот на ССМ, Дарко Димовски по денешната средба во Владата.

Претседателот на ССМ ги повика работниците на штрајк, протести и блокади на улиците доколку во среда не бидат исполнети нивните барања за зголемување на минималната плата на 18 000 денари, зголемување на останатите плати и враќање на регресот за годишен одмор познат како К-15 во јавниот сектор.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министрите за труд и социјална политика и информатичко општество, Тренчевска и Алити, во дискусијата за време на денешниот состанок, нагласија дека минималната плата ќе продолжи да расте и системското решение ќе дојде преку дијалог со сите засегнати страни, а решението кое би било предложено секако подразбира одржливост на подолг рок за пораст на минималната плата во согласност со порастот на трошоците на живот и растот на просечните плати.