Незадоволството на работниците од јавниот сектор е огромно и од тие причини Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на денешната седница одлучи незадоволството да го изразува на улица.

В понеделник, 27 јуни, од 7 до 10 часот синдикалците ќе го блокираат влезот на главниот град Скопје на крстосницата во населба Автокоманда на булеварот „Александар Македонски“ со „16 Македонска бригада“, а ќе бидат пропуштани само возила на итна медицинска помош, полиција, армија и пожарна, соопштија од ССМ.

„Пораката ќе биде јасна за пратениците кои не даваат поддршка и глас за предлог амандманот на ССМ, зошто работниците не се задоволни од нивната продуктивност и ангажман за надминување на работничките проблеми, а на овој начин пратениците нема да можат да стигнат во Собранието за да наплатат патни трошоци, а истото важи и за владините министри кои се глуви за работниците и работничките барања во оваа криза“, велат од ССМ.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија сметаат дека сите работодавачи треба да ги следат примерите од локално ниво каде што штрајкот е со успех и работниците го добиваат заслуженото и одработеното усогласување на платите за 2806 денари, што е едно од главните барања и главна причина за штрајкот.

Генерален штрајк во јавниот сектор за повисоки плати, нема решение за продуктивноста
Денеска генералниот штрајк на ССМ се одржа пред Министерството за финансии, каде повторно побараа нивното барање за линеарно зголемување на платите од 2.806 денари за секој работник да се вметне или преку амандман во ребалансот на Буџетот или преку Општиот колективен договор.

На 22 јуни ССМ стартуваше генерален штрајк во јавниот сектор со барање за повисоки плати.