Почитувани читатели, денешнава колумна посветена на стечајот на Еуростандард банка, ќе ја поврзам со настани кои го бележат нашето секојдневие изминативе седмици и во основа го отсликуваат лицето и наличјето на криминалот и корупцијата, кои владеат со Република Македонија.

Пишував, пишувам и ќе пишувам за учесниците, директно или индиректно поврзани со стечајот на Еуростандард банка.

 

Таксативно ќе ги набројам:

 

1. Народна банка

 

2. Техничка Влада на РМ

 

3. Собрание на РМ

 

4. Основно јавно обвинителство

Деновиве во јавноста слушнавме две клучни информации кои ја отсликуваат реалната состојба во Република Македонија.

Најнапред јавноста се запозна со најмладиот стопанственик, сѐ уште ,,голобрадо момче”, внук на господинот Али Ахмети, Дрин Ахмети, кој стана ко-сопственик на бизнис центарот ,,Соравија” во строгиот центар на Град Скопје.

Цел живот сум го поминал во стопанството и не сум сретнал да налетам на толку успешен човек, како што е младиот Дрин, кој на само 24 години возраст успеал да добие од Фондот за иновации цирка од 80.000 евра и да биде ко-сопственик на бизнис центарот ,,Соравија” на речиси 40% од акциите.

Најсмешно во целата оваа рашомонијада е што не можам да го сфатам местото и улогата на господинот Соравија, искусен стопанственик кој важи за еден од најбогатите граѓани на Сојузна Република Австрија.

Очигледно е дека се работи многу повеќе за политички бизнис отколку за бизнис во вистинска смисла на зборот.

Деновиве во етерот оддекна изјавата на амбасадорот на Сојузна Република Австрија. Во изјавата амбасадорот го штити австрискиот капитал и очигледно со криминогени постапки во судството, преку стечајните и нотарските постапки, прави напори да се уништи или украде оваа инвестиција. Доживеавме состојба во која се јавуваат и странските амбасади во заштита на сопствениот капитал, инвестиран во Македонија.

Политичките пораки на вакви изјави кои имаат свое значење во светот на бизнисот, не сакам ни да ги коментирам, бидејќи во основа се дава порака до сите инвеститори во земјава да бидат многу предострожни кон бизнис зделки и инвестиции во Македонија.

Почитувани читатели, зборувам за дипломатски чин кој нема никакви директни ингиренции во домашниот стопански систем, бидејќи нашиот систем е длабоко поткопан.

Познавајќи го менталитетот на мојот народ, убеден сум дека австрискиот Амбасадор ќе си го заштити сопствениот капитал, бидејќи изминатите три децении нашите власти покажуваат сервилност пред амбасадите на земјите од ЕУ. Се поставува прашањето, како да го заштитиме капиталот на инвеститорите кои се со македонско државјанство?

Тука сакам да поентирам и со мојот личен капитал. Го поставувам прашањето, кој треба да го штити мојот капитал? Првенствено институциите на системот. Тие со закон се обврзани да го штитат и поддржуваат економскиот развоја на државата, а со тоа и заштита на вложениот капитал.

Жално е што јас не можам да поканам некоја амбасада да го штити мојот капитал, бидејќи таква нема.

Аргументите кои секоја седмица ги повторувам пред вас, дека стечајот на Еуростандард банка беше убиство со умисла, за нашето правосудство не важат. Тие се глуви и слепи, бидејќи нема кој да застане зад мене.

Почитувани читатели, никојпат во животот не сум барал нечија поддршка, бидејќи сум ги почитувал законите во земјите каде сум работел и моја привилегија е што не сум имал потреба од никого.

Единствена поддршка што сум ја барал е поддршката од вас, граѓаните на Република Македонија и Град Скопје, при мојот избор за пратеник во Собранието на Република Македонија и Градоначалник на Град СКопје.

Принципите по кои функционирав за време на моите мандати и денес се исти, а тоа е нулта толеранција за криминалот и корупција.

Македонија денес ја тресат судски постапки за масовно крадење на буџетски средства, обвинителниот акт под кодно име Феникс. Како градоначалник оддолеав на притисоците од тогашната власт, предводена од Груевски, да не бидам замешан во криминалот кој денес ја тресе Македонија. Дали го сметате тоа за доблест или наивност?

Почитувани читатели, сакам да ви посакам мирно и топло лето! Ќе продолжам да пишувам колумни од 12 август, бидејќи на тој ден Еуростандард банка беше однесена во стечај.

Трифун Костовски