Ако лани 75 отсто (или три од четири компании) изразиле спремност повторно да инвестираат во земјава, сега тој процент е намален на 52 отсто, или на две од четири компании, покажа анкетата на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство.

Околу 30 отсто од странските компании во земјава очекуваат помали нето приходи во последниот квартал годинава во однос на истиот период лани, како резултат на економската криза, а 12 отсто од нив, поради намалениот обем на работа би можеле и да посегнат по најнепопуларната мерка – да го намалат бројот на вработени. Ова го покажа анкетата која што беше спроведена од страна на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Стопанската комора на Македонија која што беше презентирана денеска во Скопје. Како главен проблем, очекувано, беа трошоците за енергенти, но анкетата покажа дека странските компании во земјава се повеќе се соочуваат и со недостиг на соодветни кадри, бирократијата и непочитување на процедурите, правната неизвесност, често менување на регулативата, владеење на правото… Исто така, како проблеми се инфраструктурата, грижата за корисници, нејаснотиите во доделувањето државна помош и тн.

Посочените слабости и недостатоци резултира и со помал број на заинтересирани компании кои повторно би инвестирале во земјава. Ако лани со претходната анкета 75 отсто (или три од четири компании) изразиле спремност повторно да инвестираат, сега тој процент е намален на 52 отсто, или на две од четири анкетирани компании, истакна Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата, кој заедно со потпретседателот на Асоцијацијата, Ѓорѓи Тренковски, ги презентираа резултатите од анкетата.

Сепак, според очекувањата за приходите споредено со планираните, резултатите се поурамнотежени – 41 процент од компаниите сметаат дека ќе имаат зголемени приходи во однос на планираното, а 36 проценти помали приходи од планираното.