Пред управата за јавни приходи беа собрани неколку десетици луѓе кои се организираа преку Вибер група. Протестот иако беше најавен дека е студентски, сепак се одржа со само двајца студенти.
Денеска пред Управата за јавни приходи (УЈП) наместо студентски протест, се одржа протест на десетина поранешни работници во Авганистан и Ирак и неколку студенти кои преку Work&Travel работеле во странство.
Пред управата за јавни приходи, беа собрани неколку десетици луѓе кои се организираа преку Вибер група. Протестот, иако беше најавен дека е студентски, сепак се одржа со само двајца учесници кои потврдија дека се студенти.
Поводот за протестот, како што претходно се најавуваше во Вибер групата, беше оданочувањето на приходите што студентите ги заработиле преку програмата Work&Travel во Германија.
Претходно, дел од студентите реагираа на социјалните мрежи поради барањето од УЈП да платат данок за овие приходи, што дојде неочекувано, со образложение дека институцијата постапува согласно веќе постојните закони.
За време на протетсот во УЈП се одржувал брифинг со новинарите од страна на директорката на Управата, Елена Петрова каде ги информирала за обврските што ги имаат граѓаните.
Од УЈП велат дека оданочувањето на доходот остварен во странство не е нова обврска туку примена на постоечки закон кој важи со години.
„Република Македонија функционира врз основа на систем на самооданочување. Тоа значи: даночните обврзници сами ги пресметуваат и пријавуваат обврските, УЈП обезбедува системи, поддршка и контрола. Исклучоци постојат кај одредени категории со паушално оданочување”, стои во соопштението од УЈП.
Според управата, до 2024 година податоците не биле системски обработувани, но од 2024 започнала нивна анализа како и прочистување и вкрстување.
Податоците за 2025 година на УЈП покажуваат дека 70.869 граѓани имале приливи од странство во вкупен износ од околу 577 милиони евра и појаснуваат дека не сите приливи се предмет на оданочување. Досега се испратени 9.522 известувања, а 4.459 лица доброволно поднеле даночни пријави.
Нагласуваат дека пристапот не е репресивен и дека засега не се применуваат казни или присилна наплата.
Во однос на дилемите за евентуално двојно оданочување, од УЈП велат дека тоа не се случува доколку граѓаните достават доказ дека данокот е веќе платен во странство и ја спроведат пропишаната постапка за даночен кредит или ослободување.
„Во однос на студентите кои работеле во странство, нивни реакции се појавија по достава на известувањата за приливи во странсво во 2025 година, при тековниот процес на оданочување кој ќе се заокружи со генерирање на годишните даночни пријави за 2025 година до крајот на овој месец и нивното потврдување од граѓаните до 31 мај. По добивање на реакциите, според податоците од банките УЈП селектираше 134 млади лица родени после 2000 год. со кои се организирани директни средби за појаснување на обврските и можностите за плаќање. Воедно, одржавме состанок со преставници од Универзитетскиот сенат, разговаравме за можноста за плаќање на рати, обуки, информирање и сл“, велат од УЈП.