Тоа се најголеми инвестиции до сега и со такво темпо ќе продолжиме и во наредниот период, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешниот увид во реконструкција на регионалниот пат Штип-Радовиш.

Како што потенцираше министерот Сугарески, Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта се фокусирани на изградба на капиталните објекти и веќе првите резултати се забележани со раст на градежништвото од 7 проценти во првиот квартал.

“Посебно очекувам драстично зголемување на капиталните инвестиции во вториот квартал бидејќи нема регион или место во државава каде не се одвиваат градежни активности, било во патишта, било гасификација. железници, комунални проекти или проекти што ги реализираат локалните самоуправи со сопствени средства.

Она што е за мене е најважно, е брза динамика на изградба и реконструкција на патната мрежа. На пример само во Југоисточниот регион во овој момент се реализираат инвестиции од преку 100 милиони евра во изградба на патишта и според  нашите проекции ќе се завршат сите во рамки на договорените рокови”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Министерот потенцираше дека е завршена изградбата на магистралниот гасовод од Штип до Неготино, што е многу значаен проект за целата држава.

Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов истакна дека реконструкцијата на патниот правец Штип –Радовиш ќе се заврши до месец август, а вкупната инвестиција е 2,4 милиони евра.

“Во моментов се работи на рехабилитација на над 400 километри патишта низ нашата држава, што регионални, што магистрални, што автопатишта. Не е потребата само да градиме нови автопатишта, а старите да ги забораваме. Во однос на вториот лот од новиот експресен пат Штип-Радовиш од штипската населба Три Чешми до мостот на реката Брегалница и од рудникот Бучим до влезот на Радовиш, завршена е квалификациската тендерска постапка, понудите на фирмите се испратени во Лондон во седиштето на ЕБОР и веќе очекуваме повратен одговор за да можат фирмите да доставуваат понуди. Во однос на на трсата од првиот лот од Штип до Радовиш градежните работи се одвиваат и пред роковите”, изјави Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта.

На новинарско прашање за реализација на капиталните инвестиции и двајцата потенцираа дека се работи интензивно на терен на сите инфраструктурни проекти и дека се очекува зголемување на капиталните инвестиции во вториот и третиот квартал.