Цените на маслиновото масло достигнаа рекордни нивоа, благодарение на продолжената суша во најголемиот шпански производител, а покачените цени се очекува да останат уште некое време. Сушата во Шпанија ја зголеми цената на маслиновото масло на највисоко ниво во последните 26 години.
Според податоците на Меѓународниот монетарен фонд, светските цени на маслиново масло достигнаа 5.989 долари за метрички тон, што е највисоко ниво во последните 26 години. И високите цени би можеле да останат „подолго време“, рече аналитичарот за маслодајни и растителни масла Mинтек, Кајл Холанд.
„Тековната суша во Шпанија, која е најважна за производството на маслиново масло, се чини дека предизвика глобален недостиг на маслиново масло“, изјави Дејвид Валморбида, претседател на Австралиското здружение за маслиново масло, за ЦНБЦ.
А доколку времето не се подобри, претстојната реколта би можела да се соочи со уште полош принос кој веќе е десеткуван за 50 проценти. Згора на тоа, недостигот на сончогледово масло по руската инвазија на Украина ја зголеми побарувачката и цената на маслиново масло.
Оценката е дека без зголемување на врнежите, можеме да видиме историски покачени цени кои би можеле да пораснат и повеќе од 5 евра за килограм до жетвата 2023/24 година, пренесува Каматица. Лошото време во Шпанија, особено продолжениот сушен период е главната причина за поскапувањето.
„Екстремно лошите временски услови доведоа до тоа Шпанија да произведе маслиново масло од околу 630.000 метрички тони, што е намалување од вообичаените 1,4 до 1,5 милиони тони жетва“, рече Холанд.