Светската економија се соочува со сериозни ризици од нова криза, поттикната од растот на цените на нафтата и гасот, геополитичките тензии и неизвесноста околу глобалните конфликти. Економистите сè почесто предупредуваат на сценарио на стагфлација, комбинација од забавен економски раст и зголемена инфлација, што претставува едно од најнеповолните економски состојби.

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, неодамна упати предупредување дека светот треба да се подготви за сериозни економски потреси. Според неа, војните и енергетските шокови имаат потенцијал да ја продлабочат кризата и да ја турнат глобалната економија кон нестабилност.

Дополнителна загриженост предизвика и економистот Ричард Букстејбер, кој смета дека претстојната криза може да биде далеку посериозна од онаа во 2008 година. Тој предупредува дека евентуален конфликт во Иран би можел да предизвика драматичен раст на цените на енергенсите, храната и транспортот, што директно ќе се одрази врз животниот стандард.

Слични ставови има и Кенет Рогоф, кој оценува дека инвеститорите не ги земаат доволно сериозно долгорочните последици од кризата на Блискиот Исток. Според него, тоа може да доведе до глобален стагфлациски шок и продлабочување на економските проблеми.

ММФ веќе ја намали прогнозата за глобалниот економски раст на 3,1 отсто, со можност за дополнително забавување доколку цените на енергенсите продолжат да растат. Во негативно сценарио, растот би можел да падне на 2,5 отсто, додека инфлацијата би се искачила над 5 отсто.

Главниот двигател на овие ризици е токму растот на цените на нафтата и гасот. Тие имаат директно влијание врз трошоците за транспорт, електрична енергија и греење, но и индиректно ја зголемуваат цената на производството во индустријата, земјоделството и услугите. Овој ефект на крајот се прелева врз крајните потрошувачи преку повисоки цени.

Покрај тоа, повисоките цени на енергенсите ја намалуваат куповната моќ на граѓаните и профитабилноста на компаниите, што доведува до пад на потрошувачката и инвестициите. Особено ранливи се земјите кои се нето увозници на енергија, бидејќи дел од нивниот доход се одлева кон извозниците на енергенси.

Искуството од енергетската криза во 2022 година во Европската унија покажува дека ваквите шокови можат да предизвикаат сериозни последици – раст на инфлацијата, пад на индустриското производство и зголемување на трговските дефицити. Во некои индустрии, производствените цени пораснале и до 40 проценти, додека милиони домаќинства се соочиле со енергетска сиромаштија.

Аналитичарите предупредуваат дека доколку сегашната криза продолжи, светот би можел повторно да се соочи со сличен, па дури и подлабок стагфлациски удар, со долгорочни последици врз економскиот раст и животниот стандард.