Пандемијата на новиот коронавирус го чинеше глобалниот туристички сектор загуба од 320 милијарди американски долари меѓу јануари и мај. Тоа го соопшти Светската организација за туризам при ОН.

Тоа е „трипати повеќе од загубите за време на глобалната финансиска криза во 2009 година“, се вели во соопштенеито на мадридската организација.

Глобалниот барометар за туризам покажува дека наметнатата блокада за време на пандемијата доведе до пад од 98 отсто на меѓународниот туризам во мај во споредба со 2019 година.

Барометарот, исто така, покажува пад од 56 отсто на туристичките посети на годишна основа помеѓу јануари и мај. Тоа означува пад од 300 милиони туристи и загуба од 320 милијарди американски долари.

– Овие најнови податоци ја разјаснуваат важноста за рестартирање на туризмот веднаш штом ќе биде безбедно да се направи тоа. Драматичниот пад на меѓународниот туризам става во ризик многу милиони семејства, нагласи генералниот секретар на телото, Зураб Пололикашвили.

Телото на  ОН предупреди дека секторот се соочува со сериозни „опасни ризици“, како што е повторно бран на вирусот што може да предизвика нови блокирања, патни ограничувања и затворање граници за „повеќето дестинации“.